Загадувањето и повлекувањето на езерото ја пустошат туристичката иднина
Речиси секој локален жител, сведочи за катастрофалниот пад на туристи, но уште повеќе ја нагласува трагедијата што му се случува на самото езеро. „Ова езеро умре!“, остро реагираат тие. Каналот кој требаше да го напојува езерото е осум години сопрен, а сега и водата за пиење се јавува како проблем – на комуналното има само минијатурна белешка дека „водата не е за пиење“, поради висока концентрација на арсен.
„Властите направија толку голема штета што чини милијарди“, додаваат тие. Притисок на водата нема, рибата е загадена и небезбедна за јадење, локалните работници што порано одгледуваа пилиња сега останаа без работа – „имаше милијарди пилиња, сега нема ништо“.
Многу туристи велат дека се воздржуваат да влезат во езерото, особено во крајбрежниот дел, поради видливата загаденост и стравот од можни кожни заболувања.
Проблемот со снабдувањето на езерото со свежа вода беше решен во 2002 година, кога во употреба беше пуштен хидросистемот „Спас за Дојранското Езеро“. Со него, преку бунарите во Ѓавато, Богданско, се вршеше дотур на вода во езерото. Но, последните три години овој систем практично не функционира. Според надлежните, освен тоа што коритото на системот не се одржува, голем проблем е и високата цена на електричната енергија потребна за негово работење. Сепак, иако струјата е скапа, уште поскапо ја чини Дојран намалениот број туристи и загрозената флора и фауна во езерото.

Масовно иселување и исчезнат животински свет
Дојран денес брои само 500–600 жители, според Ѓоко Арсовски. Туристичките атракции, како црквата Свети Илија, турската бања и музејот, немаат посетители како претходните години. „Оваа година има најмалку туристи од сите 33 колку што работам на штанд“, наведува Арсовски, истакнувајќи дека нема доволно дождови, а пумпите за езерото се воглавно неактивни.

Ѓоко Арсовски
Местата Мрдаја, Пелагонија – некогаш најубавите и најпосетени плажи – денес се запустени, ништо повеќе не се инвестира освен во изградба на згради. Паркингот се наплаќа, но нема вложување во плажите, во инфраструктурата или во спас на езерото.

„Приказната за Дојран е завршена“
Локалните производи, традицијата, семејните бизиниси и спомените за „кајакарското друштво“ и „прозирната вода 15 метри“ остануваат само во мемориите на оние што ја паметат убавината на Дојран. Денес, луѓето не се бањаат, не јадат риба и не препорачуваат туристички одмор на езерото. „Ова езеро умре!“, истакнуваат огорчените жители, трајно поврзани со тагата и разочарувањето на целиот век во овој град.
Останува да се прашаме: Дали Дојран некогаш ќе се врати на мапата на вистинските природни убавини, или неговата приказна ќе биде само предупредување за еколошка негрижа и пропуштени можности?