Дождовите предвреме ги собраа родот и медот во Македонија

Драстичните температурни разлики прават шок на растенијата, а тоа не само што ќе влијае негативно на квалитетот, туку и на количините на земјоделски производи. Неколку дневните топли периоди, па интензивните врнежи од дожд придонесоа за развој на низa болести не само во градинарството туку и кај овошните насади и житните култури. Топло па врнежливо време е идеално за развој на габични инфекции, сметаат експертите. Потенцираат дека ниту еден препарат не може да ја спаси ситуацијата во земјоделието.

„Голем дел од житните култури веќе се заболени, а иста е ситуацијата и со пиперките и доматите“, вели Катерина Трајковска, агроном. Според неа се додека временските услови не се стабилизираат, а до тогаш болестите ќе напредуваат, не може да се користат пестициди. Честите врнежи не го дозволуваат тоа.

„Оваа година е посебно специфична поради големиот број на врнежи по единица површина. Најизразени се штетите кај житариците, а тоа и се очекуваше, бидејќи немавме зима. Голем дел од посевите се заболени со т.н рѓа која и тоа како ги намалува приносите. Апелирам до земјоделците да не претеруваат со употреба на пестициди, бидејќи при голема влага тие не делуваат“, објаснува Трајковска додека ја шета екипа на Трн низ својот овоштарник во скопско Стајковци.

Трајковска потенцира дека оваа година е предизвик и за научни истражувања на светско ниво, од аспект што човекот е скоро немоќен да ги заштити житните, градинарските, окопните и индустриските култури кои се одгледуваат на отворено.

„За жал, иста е ситуацијата и во градинарството. Пиперката сака константна висока температура, таа влегува во топлољубивите растенија. Идеални услови за нејзино растење и развивање. Кога има температурни шокови, ниски утрински, а високи дневни температури, не може да се развие ни вегетативниот дел на растението, а не пак плодоносниот систем. Иста е ситуацијата и со доматите. Скоро секое градинарско растение кое се одгледува на отворено ќе страда. Еве пламиницата веќе го уништува бостанот, а ако продолжи ваквата временска ситуација и компирот нема да биде поштеден од пламеница“, додава Трајковска, објаснувајќи ни како изгледа пламеницата која веќе е забележлива на некои растенија.

Единствено виновата лоза останува во подобра кондиција. Таа е поотпорна на временски неприлики, споредено со овошните дрвца, истакнува агроном Трајковска. Сепак ги советува земјоделците навреме да го спречат ширењето на пламеницата, болест која е особено карактеристична и за виновата лоза.

„Виновата лоза сега за сега добро се држи, бидејќи подоцна ја започнува вегетацијата. Но апелирам, особено до индивидуалните земјоделци, ако до сега прскале против пламеница на 14 дена сега тоа време да се скрати. Пламеницата, како што кажува и името, брзо се шири, па затоа врз основа на временските прилики да се намали времето на третирање, односно да биде почесто, на седум дена“, советува агроном Трајковска.

Количините на мед ќе бидат двојно намалени, но не и квалитетот

Променливото време си го наплатува данокот и во пчеларството. Пчеларите се децидни дека ова е најлоша година во деценијата. Посочуваат дека мед ќе има, но во далеку помали количини од лани. Тоа го препишуваат на честите дождови кои ја зафатија Македонија, но и на благата зима.

„Квалитетот не може да се намали. Ако медот е природен, без да интервенирал пчеларот, квалитетот останува непроменет. Проблемот е што ќе го нема“, вели Венче Билбиловски, долгогодишен пчелар и претседател на Здружението „Матица“.

Додека ги прави последните проверки низ пчеларникот вели дека ситуацијата со пчеларството од година во година е се позагрижувачка, а особено оваа.

„Ако хронолошки се навратиме, ноември, декември и јануари имавме високи температури, а таквата ситуација продолжи и во февруари. Тоа предизвика нагло зголемување на популацијата на пчели. Храната што ја имаа пчелите почнаа да ја трошат. Но тогаш се случи пресврт, односно температурите паднаа во април. Во некои денови одеа дури и под нулата. Тоа драстично го смени развојот на пчелните семејства. За да ги спасиме моравме да интервенираме со прихрана. За жал, температурните разлики продолжија и во мај. Сега полен има, но пчелите не можат да го собираат, бидејќи има чести врнежи“, објаснува Билбиловски, додека ги анализира цветовите на багремите.

Според него, моменталните временски услови го поместуваат природниот тек на животот на пчелите, а тоа ќе резултира со двојно помали количини на мед, споредено со лани.

„Ако продолжи ваквиот тренд, производството ќе биде намалено повеќе од половина. Од година во година се позагрижувачка е ситуацијата, временските услови не се наклонети кон пчелите и пчеларите. Ниските утрински температури во топлите месеци си го наплатуваат данокот“, смета пчелар Билбиловски.

Надеж дека ситуацијата ќе се стабилизира Билбиловски гледа во престанувањето на интензивните врнежи и зголемување на температурите. Сепак истакнува дека и екстремно високи температури не му одат во прилог на пчеларството.

Експертите се децидни дека моменталните временски услови негативно влијаат на земјоделските култури, но и на развојот на пчелните семејства. Каков ќе биде крајниот исход ќе се знае дури по собирањето на годишната реколта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни