Достапна е првата неформална дигитална библиотека

BookBuddy е реализиран во рамки на проектот „Создадено во Европа: Moќта на различноста“, а со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија.

BookBuddy (Книжевен пријател) е името на новата дигитална алатка на издавачката куќа „Антолог“ која е замислена како платформа преку која на книгите ќе им се даде можност да живеат многу животи, а на читателите да имаат побогат социјален пристап до сродните луѓе и да добијат поголема достапност до книжевните дела објавени во различни временски периоди.

Секој од нас има некој пријател со кој разменува или позајмува книги, а сега постои соврешен партнер кој нуди многу повеќе. Дали си подготвен да го запознаеш твојот нов најдобар книжевен пријател?

Во време на брза потрошувачка и дигитална изолација, BookBuddy се појавува како свеж и хуман концепт што ја слави моќта на споделувањето и враќањето на смислата на литературата. Платформата е креирана со плурална и антиконсумерска концепција: наместо постојано купување нови книги кои потоа завршуваат заборавени на полици, BookBuddy им дава континуиран живот на книгите и создава мрежа на љубопитни и штедри читатели кои веруваат дека книгите треба да циркулираат – од рака во рака, од ум до ум.

Целосно бесплатка алатка

BookBuddy почнува како отворена онлајн платформа за читање книги, каде што секој може да позајми или да додаде книга која сака да ја сподели со заедницата, така станувајќи дел од една неформална дигитална библиотека. Идејата е едноставна: секоја книга носи ново пријателство, а секое пријателство – нова приказна.

Платформата е отворена за сите – единствениот услов е љубовта кон книгите и почитување на заедничките правила кои се слични на членување во вистинска библиотека. Наместо купување, овде книгите се добиваат преку позајмување, доверба, комуникација и интеракција. На тој начин, BookBuddy ја охрабрува циркулацијата на знаење и емпатија, ја поттикнува одржливоста и гради нова култура на читање базирана на меѓусебна поддршка и фер користење.

Безбедност и доверба

Секој корисник има свој профил со оценки и коментари, а тимот на BookBuddy е секогаш тука за поддршка, модерација и превенција на злоупотреби. Сите позајмувања се на сопствена одговорност, но правилата, можноста за пријавување корисници го прават искуството фер и безбедно.

За почеток ќе бидат достапни дваесетина наслови во издание на издавачката куќа „Антолог“, а се надеваме дека бројот многу бргу ќе порасне до неколку десетина дела.

BookBuddy е реализиран во рамки на проектот „Создадено во Европа: Moќта на различноста“, а со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни