Општата политичка слика со доминацијата на десничарски наративи полека но сигурно одново ќе се пикне во порите на она што сме го граделе со години и ќе почне да нè враќа наназад. Како млада жена која размислува за иднината, за прашањата и позициите што ми се важни, ова го следам многу внимателно, а истото им го препорачувам и на сите од моите генерации, затоа што врз базата на овие политики ќе се градат нашите животи во иднина. Од таа перспектива, одамна имам потреба да пишувам за табуизирањето на женското искуство и доживување на сексот, затоа што веќе силно се чувствува онаа слика за која со години се бориме – дека како жени особено, не смееме јавно и гласно да зборуваме за задоволството, за физичкото, туку нашата улога се носи само и само кон домот, раѓањето деца, служењето на традиционалните улоги, патријархатот и така натаму.
За жал, сè уште, кога како жени зборуваме за сексот, очите одеднаш се ококоруваат, општеството се вознемирува, чувствува некаква нелагодност, се ставаат под тепих нашите потреби, се влегува во некакви чудни позиции на непријатност. Токму тие наративи кои се враќаат појасно од кога било, кои одново ни одредуваат патријархални позиции без воопшто да нè погледнат и да ги разберат нашите потреби (искрено не го очекувам тоа од конзервативните бранови) – упатуваат на некакви подредени позиции во кои ова се смета за прегласно и прехрабро. Да, зборувањето за нашите тела, сексуални потреби и задоволството како физички и психолошки барања денес се третираат повторно некој вид настраност. Бидејќи требало да си го знаеме местото кое ни е одредено. Бидејќи сексот бил нешто кое ‘ние им го даваме на мажите’.
Koга жена зборува за сексот и критички го преиспитува, таа оправдано се буни против традиционалните наметнати улоги. Таа бара сексуално образование кое ќе едуцира и ќе овозможи разбирање на безбедни и удобни односи. Таа укажува дека имаме право на подеднакво задоволство. Таа инсистира дека нашите тела не се нечија сопственост, туку ние имаме право да одлучиме со кого и во која форма споделуваме таков вид на интимност и блискост. Исто така разбира дека не нужно сите подеднакво исто го перцепираат и третираат сексуалното поврзување преку традиционални дефиниции и дека тоа е апсолутно важно и потребно да се разбере. Затоа што овие разговори се клучни за развивање емпатија, свесност за своите потреби, надминување на предрасуди, контакт со себе и со контролата врз себе која колку и да сакаат, ние нема да ја дадеме на наративи штетни за нас. Затоа што кога сакаме да зборуваме за тоа што ни треба, ние владееме со себе и очигледно, некој тоа го гледа како голема закана.
Оттаму, кога од нас се очекува да не бидеме гласни и јасни на овие теми, ни се испраќа пораката дека доколку сме спротивни, ние сме закана. Пренесувањето на ова е многу загрижувачко. Нема и не сакаме да дозволиме да бидеме третирани ниту како предмети врз кои се вежба сопственост, ниту како ништо друго освен она кое се бориме да бидеме – независни, слободни и со полни права на сопствените тела, животи и задоволствата кои ни припаѓаат.
Во моето лично искуство сум растела со прекрасни девојки и жени кои ме омоќувале да прекинам да се цензурирам себеси и конечно, да почнам да ги гледам своите потреби како нешто важно, мое и нешто врз кое нема да дозволам да интервенира некој друг, исто како и со телото. Ни требаат стотици години и промена на толку многу веќе закоравени предрасуди за да можеме да се изразуваме и да бидеме третирано подеднакво како мажите и тоа не е фер. Затоа првпат пишувам ваков текст, затоа што, аман, работи кои треба да се нормални, кога ги зборуваме како жени, се скандализирани до максимум. Не смееме да го дозволиме тоа, затоа што тоа е само еден од првите чекори како кон стишување на нашиот колективен женски глас и одново враќање кон некои затапени приказни од кои бегаме активно.
Нашето задоволство и нашето уживање се наши права, зарем би можеле да не ги славиме кога се поврзуваат со нашите тела? Нашите копнежи, привлечноста и сите нови светови на уживањето со некој друг не се луксуз туку можност за да бидеме во контакт едни со други најмногу што можеме. И ова е секако прашање меѓу приватното и политичкото, каде ќе стоиме гласно и јасно ќе повторуваме дека нашите улоги се многу повеќе од она што десничарската идеологија го зацртала и одбиваме да бидеме во тој калап.
Сексот е прашање на телесна слобода, ментално и физичко здравје, прашање кое ги разбива митовите. Нешто кое не би требало да повторуваме колку слободно и безрезервно ни припаѓа како жени. Во нашите кревети има борба против сè што нè намалува, има гласно задоволство, има здрави сексуални односи и има уживање во нив. Во нашите кревети има место за оние кои го разбираат и уважуваат ова и со нив заедно ќе се спротиставуваме на опасната пропаганда против женската автономија. Нема место за оние кои не ја поддржуваат и охрабруваат нашата независност, моќ и чувства.