Досието „Епстин“ ги тресе функционерите и елитите ширум светот

Објавата на милиони страници од „досието Епстин“ предизвика политички потреси ширум светот, а првата оставка дојде од Словачка.

Објавувањето на најобемниот сет документи поврзани со Џефри Епстин досега (повеќе од три милиони страници истражни материјали, илјадници фотографии и видеа) веќе има конкретни политички последици. Националниот советник за безбедност на Словачка, Мирослав Лајчак, поднесе оставка откако документите открија негова електронска комуникација со Епстин.

Американското Министерство за правда во петокот ја објави најголемата серија документи поврзани со случајот Епстин, како дел од примената на Epstein Files Transparency Act – закон усвоен во ноември и потпишан од претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп. Заменик-јавниот обвинител Тод Бланш изјави дека со ова се исполнува законската обврска за целосна транспарентност во случајот.

Меѓу првите политички последици е оставката на Лајчак, откако електронски пораки покажале дека тој комуницирал со Епстин за жени и дипломатски прашања. Ова предизвика бурни реакции во Словачка, каде јавноста побара одговорност од највисоките безбедносни структури.

Документите отворија и прашања за контактите на некои од најмоќните луѓе во светот. Меѓу имињата што се појавуваат се основачот на Tesla, Илон Маск, и коосновачот на Google, Сергеј Брин. Според документите, Маск разменил најмалку 16 електронски пораки со Епстин во периодот 2012–2013 година, но тој тврди дека комуникацијата е погрешно толкувана и дека никогаш не бил поврзан со неговите криминални активности.

Под лупа се најде и американскиот министер за трговија Хауард Латник, поради пораки што укажуваат на планирана посета на приватниот остров на Епстин во 2012 година, што е спротивно на неговите претходни јавни изјави. Од Министерството за трговија соопштија дека Латник имал „ограничени и јавни контакти“ со Епстин и дека никогаш не бил обвинет за какво било незаконско дејствие.

Посебно внимание привлече и кореспонденцијата меѓу Кејси Васерман, претседател на организацискиот комитет за Олимписките игри во Лос Анџелес 2028, и Гислејн Максвел, со експлицитна содржина од 2003 година. Васерман изрази жалење за пораките, наведувајќи дека тие биле разменети „многу пред да станат познати злосторствата“ на Максвел.

Во документите значајно место зазема и британскиот принц Принц Ендру, денес познат како Ендру Маунтбатен-Виндзор, по одземањето на кралските титули. Британскиот премиер Кир Стармер повика тој да сведочи пред американскиот Конгрес за своите врски со Епстин.

Објавувањето на документите повторно го отвори прашањето за обемот на мрежата што ја изградил Епстин со децении и за одговорноста на политичките, бизнис и општествени елити. Иако појавувањето на имиња во документите не значи автоматска вина, случајот веќе покажува дека политичките последици можат да бидат реални и брзи – почнувајќи со оставката во Словачка

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни