Министерството за животна средина нема да ја стави реката Дошница под привремена заштита оти предлогот за прогласување на заштитено подрачје на клисурата во Демир Капија не е формално доставен до нив. Барањето за привремена заштита на реката, на која ѝ се закануваат две мали хидроцентрали, дојде минатиот месец од граѓански организации и експерти, кои побараа мораториум на изградбата за да не се нанесе штета на подрачјето кое има многу голема вредност.
Во моментов, Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“ изработува Студија за валоризација на природните вредности за овој предел, која откако ќе биде готова, општината Демир Капија и формално ќе ја поднесе иницијативата за заштита на клисурата. Оваа организација неодамна поднесе барање до Владата и за стопирање на концесиите, бидејќи во пределот за кој се работи Студијата, влегува и долниот тек на Вардар и неговите притоки, меѓу кои е и Дошница.
Откако Владата годинава му го продолжи рокот за изградба на концесионерот на двете мали хидроцентрали до април 2026 година, екологистите побараа запирање на активностите за да се спречат сериозни штети по природата и животната средина. Тие алармираа дека поради постојниот хидросистем изграден во близина на Демир Капија, реката Дошница сезонски пресушува, како и дека со изградба на нови хидроцентрали на нејзиниот горен тек, таа може целосно да пресуши.
Од Министерството за животна средина, пак, посочуваат дека според законот за заштита на природата, под привремена заштита може да се стават само деловите на природата за кои се води постапка за нивно прогласување за заштитено подрачје, што не е случај и со Демиркаписката клисура.
„Досега до Министерството за животна средина и просторно планирање нема доставено иницијатива, односно предлог за отпочнување на постапка за прогласување, ниту има пак има изработено Студија за валоризација на природни вредности. Од тие причини не постои правна основа за ставање на овој локалитет под привремена заштита“, информираат од Министерството и посочуваат дека со не се разгледува можноста за раскинување на концесијата, ниту, пак е разговарано со концесионерот на таа тема, иако малите хидроцентрали се уште не се изградени.
Неодамна и група од дванаесетмина експерти биолози, геолози, географи и хидролози, побараа Министерот за животна средина Изет Меџити да го стави текот на реката Дошница и пределот околу неа под привремена заштита. Тие изразија загриженост поради најавените планови за изградба на мали хидроцентрали во сливот на реката на планината Кожуф, особено сега кога сè уште не се утврдени степенот на заштита и зоните на заштита на идното заштитено подрачје во клисурата Демир Капија.
„Секоја интервенција која може да предизвика неповратна деградација или девастација на природните вредности, како што е изградбата на мали хидроцентрали, мора итно да се стопира“, изјави професорот Митко Караделев од Институтот за биологија.
Демиркаписката клисура и реката Дошница се дом на ретки и ендемични видови, велат од „Еко свест“ и додаваат дека инфрастуктурни објекти неповратно ќе го оштетат овој уникатен екосистем.
„Водите на реката Дошница се дом на 22 таксономски групи макроинвертебрати, меѓу кои шест Балкански ендемични пролетници, како и македонските ендемити два вида на каменести мушички, вклучени на Националната Листа 2 на Заштитени диви видови. Дополнително, во водите на реката се сретнуваат и ларвите на пролетницата Dinocras cephalotes и вилинското коњче кои претставуваат ретки видови, присутни само во неколку региони во земјава. Исто така, со истражувањата во 2024 година во реката Дошница се пронајдени и два вида риби – Salmo macedonicus и Barbus balcanicus, кои се индикатори за идно Натура 2000 подрачје“, посочуваат од Еко свест.
Сметаат дека изградбата и работата на малите хидроцентрали на горното течение на реката Дошница ќе влијаат негативно на екосистемот и ќе причинат сериозни штети врз идното заштитено подрачје особено заради тоа што за малите хидроцентерали, согласно тековниот Закон за водите треба да испуштаат 10 отсто биолошки минимум во реката, а не како што предвидува европската Рамковна директива за води која пропишува испуштање на еколошки проток со кој се обезбедува доволно вода за преживување на живиот свет.
Екологистите апелираат Министерството да побара од инвеститорот да изработи извештај за спроведен мониторинг на биолошката разновидност во реката во времетраење од 12 месеци на локациите каде е планирана изградбата на проектите, како и извештај од мониторинг на водниот тек, кој ќе биде изработен од експерт хидролог со кој ќе се утврди еколошкиот проток за реката Дошница.
Од Министерството информираат дека се запознати со барањата на екологистите, кои во моментов се разгледуваат, а дали од концесионеот ќе се бараат дополнителни документи ќе зависи од мислењето на надлежните сектори во однос на основаноста на барањето.
„Еко свест“ го оспорува и барањето големи инфраструктурни објекти, кои имаат големо влијание на природата и претставуваат опасност од сериозна девастација, како што се и малите хидроцентрали, да се градат само со изработка на елаборат, а не со Студија за оценка на влијанието врз животната средина.
Според Ѓорѓи Митревски, елаборатите се многу помали документи, за кои не се потребни сериозни истражувања како за студиите, а она што е најважно, за нив нема обврска за организирање јавни расправи.
„Во многу случаи, како што беше и со Дошница, јавноста за малите хидроцентрали дозна кога веќе беше доцна. Проблемот се елаборатите, што ја исклучуваат експертската јавност од учество во целиот процес на планирање на вакви објекти, иако искуството од европските држави, каде што се изработуваат само студии, е јасно. Македонија исто така ја ратификуваше и Архуската конвенција, која наложува присутво на јавноста кога се донесуваат одлуки за јавни добра“, вели Митревски.
Тој смета дека во моментов мора да има мораториум на сите активности поврзани со двете хидроцентрали додека не се изработи Студијата, документ кој вистински ќе даде насока што и дали треба да се гради на реката.
Речиси два месеци пристапот кон Дошница на планината Кожув беше под блокада од граѓани кои кампуваа во природа со намера да ги спречат багерите на инвеститорот да стигнат на локациите каде што треба да се градат енергетските објекти, за конечно пред десетина дена, приватната фирма која изнајмуваше машини да си ја повлече механизацијата од терен.
Граѓаните кои протестираа добија поддршка и од познатата активистка Грета Тунберг, која ги посети минатиот месец.
„Слушнав за вашата борба и решив да дојдам да ве посетам. Секоја локална борба е и глобална и сите овие битки против уништување на природата се поврзани и затоа секогаш ги поддржувам, исто како оние во Шведска. Ја жртвуваат планетата и еко системите, ја уништиваат природата”, им порача при посетата Тунберг на македонските активисти.
Извор и фото: Мета.мк