Допаминот не делува како што мислевме – ново откритие ја менува науката за мозокот

Ново истражување открива дека допаминот не испраќа само широки сигнали, туку и прецизни „шепотења“ меѓу неврони – откритие што може да ја трансформира терапијата за Паркинсонова болест, зависности и шизофренија

Допаминот е еден од најпознатите хемиски преносители во мозокот, но научниците сè уште откриваат нови, изненадувачки детали за неговото функционирање. Години наназад преовладуваше мислењето дека допаминот, откако ќе се ослободи, се шири низ мозокот како хемиски мегафон, испраќајќи пораки до голем број клетки, пишува Science Alert.

Но, најновите истражувања ја рушат оваа класична слика. Изгледа дека допаминот е способен и за нешто сосема спротивно – кратки и остри „шепотења“, насочени многу прецизно кон соседните клетки во само неколку милисекунди. Доколку ова е точно, овој локализиран сигнал би можел да биде клучен, но досега занемарен, елемент на целиот допамински систем.

Две лица на допаминот

Важно е да се направи разлика меѓу допаминот во мозокот и оној во остатокот од телото. Додека во крвта помага во регулација на работата на органите и имунолошкиот систем, во мозокот делува како клучен посредник во широк спектар од однесувања – од движење и расположение, преку сон и помнење, до чувство на награда и мотивација.

Познато е дека невроните ослободуваат допамин во различни шеми, но досега не беше јасно какви пораки носат тие специфични сигнали. Способноста за испраќање и брзи и бавни сигнали можеби е клучна за разбирање како допаминскиот систем успева да управува со толку многу различни функции.

Што покажа експериментот?

Користејќи напреден микроскоп за снимање на живо мозочно ткиво, научници од Универзитетот Колорадо и Универзитетот Аугуста во САД поттикнале локално ослободување на допамин во мозокот на живи глувци. Со помош на флуоресцентно бојадисување, го следеле процесот.

Тие забележале дека допаминот активира рецептори само на неколку микроскопски подрачја на блиски неврони, предизвикувајќи исклучително брза невронска реакција. Од друга страна, поширокото ослободување на допамин – какво што претходно главно се проучувало – предизвикувало побавен и порсипан одговор.

„Нашето истражување откри дека сигнализацијата со допамин во мозокот е многу посложена отколку што мислевме,“ вели фармакологот Кристофер Форд од Универзитетот Колорадо.
„Знаевме дека допаминот игра улога во многу однесувања, а нашата работа дава рамка за разбирање на тоа како ги регулира.“

Значење за лекување на болести

Истражувањето се фокусирало на стриатумот, дел од мозокот клучен за моторика и наградувачкиот систем, кој е исклучително богат со допамински неврони. Стриатумот е поврзан со бројни невродегенеративни и психијатриски нарушувања, како што се шизофренија, зависност и АДХД.

На пример, Паркинсоновата болест е предизвикана токму од пропаѓање на допаминските неврони кои водат кон стриатумот. Подобро разбирање на начинот на кој допаминот испраќа сигнали во овој клучен дел од мозокот може да отвори пат за нови, поефикасни терапии.

„Само го загребавме врвот на ледениот брег,“ заклучува Форд.
„Потребна е многу поголема работа за да разбереме како нарушувањата во допаминската сигнализација придонесуваат за болести како Паркинсон, шизофренија или зависност.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни