Членството на Бугарија во Еврозоната не само што ќе претставува значајно достигнување за земјата со важни придобивки за нејзината економија, туку ќе ја зајакне и силата, отпорноста и гласот на Зоната на заедничката европска валута во светот, порача претседателот на Еврогрупата и ирски министер за финансии Паскал Донохју по повод одлуката на Европската комисија дека Софија ги исполнува условите за приклучување кон Еврозоната од 1 јануари 2026 година.
„Топло ги поздравувам позитивните заклучоци од извештаите за подготвеност објавени денеска од Европската комисија и Европската централна банка. Овие извештаи потврдуваат дека Бугарија сега ги исполни сите потребни критериуми за членство во Еврозоната – клучна пресвртница на нејзиниот пат кон усвојување на еврото“, наведе Донохју во писмената изјава.
Според него, Еврогрупата постојано ја поддржувала амбицијата на Бугарија да се приклучи кон Еврозоната и ќе продолжи тесно да соработува со бугарската Влада на следните чекори од процесот на пристапување.
„Ваквиот развој ја одразува трајната стабилност и привлечност на нашата заедничка валута. Со нетрпение очекувам да ја пречекам Бугарија во семејството на Еврозоната од следната година“, додаде Донохју.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во објава на Икс порача дека Бугарија од денеска е еден чекор поблиску до прифаќање на еврото, што ќе значи повеќе инвестиции и трговија со партнерите од еврозоната, како и поголема стабилност и просперитет за бугарскиот народ,
„Бугарија, исто така, ќе го заземе своето заслужено место во обликувањето на одлуките за Еврозоната. Честитки!“, додаде Фон дер Лајен во објавата.
Европската комисија денеска го претстави на вонредниот Извештај за подготвеноста на Бугарија за воведување на заедничката европска валута, во кој се оценува дека земјата ги исполнува условите за приклучување кон Еврозоната од следната година.
Еврокомисијата во Извештајот му препорачува на Советот на ЕУ да го одобри приемот на Бугарија во Еврозоната од 1 јануари 2026 година. Според оценката на ЕК, бугарската економија е доволно подготвена за пристап кон Еврозоната, а националното законодавство е усогласено со европското. Препорака за прием на Бугарија во Еврозоната од следната година во свој Извештај даде и Европската централна банка (ЕЦБ).
По денешните препораки на ЕК и ЕЦБ, започнува законската процедура за пристап утврдена со правилата на ЕУ. Препораките прво ќе бидат разгледани на состанокот на Еврогрупата, која ја сочинуваат членките на ЕУ што го користат еврото како национална валути. Состанокот е закажан за 19 и 20 јуни.
По ова, се очекува одлуката да биде одобрена на Самитот на ЕУ закажана за 26 и 27 јуни, како и од Европскиот парламент на 30 јуни.
Врз основа на овие потврдувања, Советот на ЕУ на 8 јули би требало да се изјасни за официјален прием на Бугарија во Еврозоната. Одлуката се носи по три точки, од кои за одредување на курсот на левот кон еврото е потребен консензус на сите земји членки, додека за усвојување на останатите две точки е неопходно квалификувано мнозинство.
Според Договорот за Европската Унија, секоја земја при приемот во ЕУ се обврзува да го прифати еврото, но нема утврден временски рок за тоа. Исклучок од ова правило е Данска, која со договорот за пристапување кон ЕУ побара да биде изземена од обврската за воведување на еврото.
За да се приклучи кон Еврозоната, секоја земја мора да ги исполни Мастришките критериуми, кои предвидуваат ниска инфлација, буџетски дефицит на ниво под три отсто од БДП, јавен долг од под 60 проценти од БДП, најмалку двегодишно учество во Европскиот механизам на девизниот курс (ЕРМ 2), како и просечната номинална долгорочна каматна стапка да биде повисока за најмногу два процентни поени од просечните камати во трите земји на ЕУ со најниска инфлација.
Бугарија, која стана членка на ЕУ на 1 јануари 2007 година, на 10 јули 2020 година се приклучи кон механизмот ЕРМ 2, кој колоквијално се нарекува „чекална за Еврозоната“, од кога курсот на бугарскиот лев е врзан за еврото.
Софија првично планираше Бугарија да се приклучи кон Еврозоната на 1 јануари 2024 година, но оваа цел не беше остварена поради високата инфлација, чиј раст се припишуваше на Ковид пандемијата и руската инвазија врз Украина, но и поради политичката нестабилност во земјата со неможноста за формирање стабилна Влада.
По очекуваното приклучување кон Еврозоната, Бугарија ќе стане нејзина 21-ва земја членка. Покрај Бугарија и Данска, членки на Еврозоната меѓу државите од ЕУ не се ни Полска, Романија, Унгарија, Чешка и Шведска.