Средношколците од Струмица и Велес во „Еurope House“ дискутираа на тема органодонорство: Донирањето на органи е највисок чин на хуманост, љубов и емпатија

Во просториите на  „Еurope House“, во Струмица и во Велес, во изминатите два дена се одржаа дебати со претставници од средните училишта  на тема органодонорство, како дел  од активностите за подигнување на јавната свест за органодонорството и трансплантацијата во земјава. Целта на средбите беше да се укаже на важноста на трансплантацијата, не само како медицинска дејност, туку и од аспект на хуманост, љубов, емпатија, надеж.


На дебатите покрај ученици од гимназијата „Димитар Влахов“ од Струмица и учениците од средните училишта „Кочо Рацин“, „Димитрија Чуповски“, „Јовче Тесличков“ и „Коле Неделковски“, од Велес, присуствуваа и Националниот коориднатор за трансплантација на органи и ткива, др Маја Мојсова Мијовска, заменик националниот координатор Др Билјана Андоновска и Адријана Георгиев, раководителка на Програмата за трансплантација на органи и ткива при Министерството за здравство.

– Вие, младите, сте идната сила на ова општество и токму со вас е важно да се разговара за овие сегменти од живеењето. Одлуките кои се носат, навистина не се лесни, но, треба да сме информирани. Донорите, семејствата на донорите, со своите одлуки, носат една нова надеж, поинаква човечка димензија на дарувањето. Тоа е начинот да покажеме и една друга перспектива, наспрема свртеноста кон себе си и индивидуализираноста. Сакаме на младите да им ја пренесеме пораката дека  не постојат табу теми и теми за кои се плашиме да зборуваме. Неопходен ни е разговор дури и на тие теми и мораме притоа да градиме ставови. Некогаш животот нѐ носи во ситуации кога ни е потребно да се донесат важни одлуки. Органодарувањето е една од тие одлуки – вели др Мојсова.

Дарителите на органи се херои, и семејни, но и општествени. Спасуваат животи, менуваат приказни, дел се од највисоките хумани чинови за кои знае човештвото. Нив и на нивните семејства им се поклониваме, објаснува др Мојсова.

– Трансплантација е медицински процес, но во исто време е и еден општествен процес кој отвара прашања како што се хуманост, емпатија и љубов. Семејставата кои носат одлука да ги донираат органите од своите блиски, чувствуваат некаква утеха во тоа дека дел од нивните блиски продолжува на некој начин да живе, но и во тоа дека ја менуваат животната приказна на други луѓе, кои не ги ни познаваат, а ете им подаруваат живот. Тоа е врвен акт на хуманост, на емпатија, и пред се на љубов кои овие семејсвата ја носат во себе. Грижа за другиот која им е всадена, што само по себе е и голем дел од убавината на животот, сподели Георгиев.

На средбата се отворија и прашања за начините на кои се станува донор, за етичките принципи на органодарувањето, за возрасната граница на донорите и реципиентите, за заштитата на личните податоци, и уште многу други поттеми, на кои одговараше д-р. Билјана Андоновска, заменик Национален кооридинатор за трансплантација.

Учениците имаа можност да погледнат и кусо документарно видео со фокус на органодонорството и трансплантацијата, но и да дадат свој фидбек за пристигнати решенија на Повикот за визуелни дела за средношколци и професионални дизајнери на тема органодонорство, чии победници ќе се соопштат наскоро.

– Фасцинирана сум од сѐ што слушнав. Темата е мрачна, но, многу ме допре. Верувам дека ваквите средби придонесуваат да научиме многу повеќе за процесите, но, и за човечноста, за надежта, за љубовта, изјави една од ученичките.

Настанот е дел од  проектот „Поддршка на системот за трансплантација “, финансиран од ЕУ  во кој Министерството за здравство е краен корисник. Модератор на настанот беше Небојша Илијевски, консултант за комуникации.


 .

 [

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни