Без решавање на територијалните несогласувања, нема реална надеж за крај на војната во Украина, порача портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, по разговорите на рускиот претседател Владимир Путин со американски изасланици.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, пак, најави дека токму ова прашање – судбината на Донбас во источна Украина – ќе биде централна тема на трилатералните преговори во Абу Даби, со посредство на САД, кои се одржуваат во петок и сабота.
Каде е главниот судир?
Русија и Украина имаат дијаметрално спротивставени позиции за иднината на Доњецк, еден од двата региони што го сочинуваат Донбас. Руски сили веќе речиси целосно го контролираат Луганск, вториот регион, наведува Ројтерс.
Москва бара Украина да ги повлече своите сили од околу 20 проценти од територијата на Доњецк – приближно 5.000 квадратни километри – кои Русија не успеа да ги освои поради силниот украински отпор. Зеленски во повеќе наврати изјави дека нема намера „да му подари“ територија на Путин.
Доњецк е еден од четирите украински региони што Русија во 2022 година ги прогласи за анектирани, по референдуми што Киев и Западот ги оценија како нелегитимни. Меѓународната заедница и понатаму го смета регионот за дел од Украина, додека Путин тврди дека станува збор за „историска руска земја“.
Зошто Доњецк е воено пресуден?
Деловите од Доњецк што сè уште се под контрола на Украина ги вклучуваат Славјанск и Краматорск – клучни утврдени градови во длабока одбранбена линија со ровови, бункери, противтенковски бариери и мински полиња.
Киев ги смета овие позиции за витални, бидејќи територијата западно од Доњецк е рамна и би ѝ овозможила на Русија побрзо напредување кон реката Дњепар. Зеленски предупредува дека целосна предаја на Доњецк би ѝ дала на Москва платформа за идни офанзиви, дури и по евентуален мировен договор.
Губитоци, индустрија и цена на компромисот
Борбите околу Доњецк, вклучувајќи ја и битката за Бахмут, однесоа огромен број животи. Западни аналитичари проценуваат дека, со сегашното темпо, на Русија би ѝ биле потребни уште најмалку една година борби за да го заземе целиот регион.
Доњецк некогаш беше срцето на украинската индустрија – со повеќе од половина од производството на јаглен и челик – иако голем дел од капацитетите се уништени. Регионот поседува и ретки минерали, титан и циркониум, што го прави економски значаен за секој што го контролира.
Политички ризик за двајцата лидери
За Путин, целосна контрола врз Доњецк е клучна за неговиот наратив како заштитник на Русите надвор од границите. За Зеленски, пак, отстапување територија каде што сè уште живеат стотици илјади Украинци би можело да се протолкува како предавство.
Анкета спроведена овој месец покажува дека мнозинството Украинци се против повлекување од Доњецк, дури и во замена за силни безбедносни гаранции од САД и Европа.
Каков компромис се разгледува?
Зеленски тврди дека Вашингтон предложил Донбас да стане демилитаризирана зона и зона на слободна економија, без присуство на руски или украински трупи. Белата куќа не ги коментира деталите.
Советникот на Путин, Јуриј Ушаков, пак, изјави дека Москва не ја исклучува можноста во регионот да распореди национална гарда и полиција наместо армија – опција што Киев веројатно нема да ја прифати.
Правни ограничувања за Украина
Зеленски истакнува дека нема мандат да отстапи територија. Според украинскиот Устав, секоја територијална промена мора да се потврди на референдум, кој може да се распише само под строги услови.
Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, изјави дека „ќе има некаква размена на територии“, критикувајќи ја идејата дека таква одлука мора да помине на референдум.
