На 29 јануари, со почеток во 19 часот, во Станица 26, ќе се одржи донаторската вечер „Threads of Light”, настан со кој официјално ќе биде одбележан почетокот на работата на Фондацијата „Фросина Кулакова”. Вечерта ќе ги обедини уметноста, музиката и граѓанската свест во една заедничка порака за одговорност, грижа и потреба од подлабока општествена промена.
Во сржта на работата на Фондацијата „Фросина Кулакова” е идејата дека животот не е случајност, туку одговорност – лична, институционална и општествена. Културата на грижа, правда и свесност не се гради со декларации, туку со конкретни, доследни и хумани чекори. Токму затоа Фондацијата се поставува како платформа што не реагира само по трагедиите, туку работи на нивна превенција, на поддршка на оние што остануваат зад нив и на создавање јавен притисок за посериозен, поправеден и поодговорен однос кон безбедноста, животот и човечкото достоинство.
Во рамки на настанот ќе бидат изложени и ставени на хуманитарна аукција дела од македонски уметници и креативци, а средствата собрани од донаторската вечер ќе бидат наменети за обезбедување психосоцијална и правна поддршка за семејствата погодени од сообраќајни трагедии, активности за унапредување на безбедноста во сообраќајот и културата на одговорност како и поддршка на млади уметници и креативци, како продолжение на љубовта и делото на Фросина.
Посебен и емотивен момент на вечерта ќе биде премиерната изведба на химната „Фросина”, од авторот Александар Митевски со Хорот ФРИДА под водство на Сузана Турунџиева. Баладата, создадена како искрена и длабоко лична почит кон Фросина, е и силна јавна порака за смисла, одговорност и промена. Текстот на Огнен Неделковски и музиката и аранжманот на Александар Митевски настанале во силен емотивен порив, во период кога, како што велат авторите, зборовите и мелодијата не дозволувале тишина. „Фросина” не се појавува како обично музичко дело, туку како исповед, завет и јавна порака. Првичната демо-снимка, отпеана со гласот на самиот автор, била прифатена да остане и финална верзија поради нејзината автентичност и силната емоција со која е создадена.
Фондацијата „Фросина Кулакова” е основана од семејството на трагично починатата Фросина со цел да создаде долгорочна и одржлива платформа за подигнување на јавната свест за безбедноста во сообраќајот, за развој на кампањи за општествена одговорност и за обезбедување психосоцијална и правна поддршка за семејствата кои се соочуваат со последиците од сообраќајни несреќи.
Од Фондацијата посочуваат дека зад секоја ваква трагедија не стои само еден момент, туку долг и тежок процес на соочување со загубата.
„Ние научивме дека болката не исчезнува, но дека со соодветна поддршка може да се носи без да го изгубиме внатрешниот баланс. Психолошката помош ни помогна да останеме прибрани, да ја прифатиме загубата и да продолжиме понатаму со јасна свест, без гнев и без осуда. Токму затоа оваа вечер ја замислуваме не само како настан, туку како почеток на еден поширок и подлабок процес на грижа и одговорност”, велат од семејството Кулакова.
Донаторската вечер „Threads of Light” на 29 јануари во Станица 26 претставува прв чекор во реализацијата на мисијата на Фондацијата – да ја претвори тишината по трагедиите во глас за промена и во повик за колективна одговорност.
