Овој хуманитарен настан е конципиран како семејна забава, а НОВА по втор пат го реализира во соработка со невладината организација Let’s Spread Love од Куманово. Лани беа собрани и донирани 254.780 денари за учениците во интернатот на основното училиште „Христијан Тодоровски – Карпош“ во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане.
Организатор на настанот е Асоцијацијата на родители и наставници при училиштето НОВА кои се грижат за севкупната програма.
– Хуманитарните активности и иницијативи се приоритет во нашето училиште, кои како човечки вредности секојдневно ги пренесуваме на учениците. Силно веруваме дека, пред сè треба да ја негуваме емпатијата и секогаш да подадеме рака на оној што во тој момент му е потребна затоа што тоа нè прави луѓе во вистинска смисла на зборот. Како училиште отсекогаш сме биле интегрален дел од општеството и се трудиме да помогнеме во рамки на нашите капацитети, а фестивалот е настан кој од година во година, зема сè поголем замав со што и големината на собрани средства расте и тоа резултира со помош на повеќе институции и граѓани – велат од НОВА.
Досега дел од собраните средства на семејниот фестивал биле наменети и за Клиниката за педијатриска хематологија и онкологија при Универзитетската детска клиника, Домот за деца без родители „11 Oктомври“ во Скопје, Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, Заводот за ментално здравје на деца и младинци (ЗМЗДМ) „Младост“, Дневниот центар за деца на улица – Шуто Оризари и други институции.