„Домицид“ во јужен Либан: Израел систематски уништува села на границата

Извештаи и сведоштва укажуваат на масовно уништување на населени места во јужен Либан во текот на израелските операции. Организации за човекови права предупредуваат на можни воени злосторства, додека Израел тврди дека таргетира инфраструктура на Хезболах.
Foto: AP Photo/Ali Salem

Во јужен Либан, долж границата со Израел, се отвора ново и исклучително чувствително поглавје од конфликтот со обвинувања за систематско уништување на цели села, што дел од организации за човекови права го опишуваат како тактика на „домицид“, односно намерно правење територии ненаселиви.

Според објавени извештаи и снимки, израелските воени операции вклучувале масовни детонации на објекти и уривање на домови во неколку населени места, меѓу кои Тајбе, Накиура и Деир Сериан. Овие дејства, како што се наведува, биле изведени со контролирани експлозии и систематско рамнење на објекти со земја.

Организации како Human Rights Watch предупредуваат дека ваквите практики би можеле да претставуваат сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право, па дури и потенцијални воени злосторства, доколку не постои јасна и неопходна воена оправданост за уништување на цивилна инфраструктура.

Од друга страна, Израелските одбранбени сили (IDF) тврдат дека целта на операциите е уништување на инфраструктура на Хезболах, вклучувајќи тунели и воени позиции за кои велат дека се интегрирани во цивилни објекти. Израел исто така најави воспоставување на безбедносна зона на југот на Либан, со цел да се спречат идни напади врз северниот дел на земјата.

Но зад воените објаснувања, на теренот доминира човечката димензија на конфликтот – раселени семејства, уништени домови и избришани заедници.

Жителите на погодените села опишуваат драматични сцени на разурнување. За многумина, не станува збор само за физичка загуба на имот, туку за целосно рушење на животни приказни, семејни корени и чувство на припадност. Некои од нив веќе биле раселени и во претходни конфликти, а овој пат, велат, уништувањето е целосно.

Особено тешко е за локалните бизнисмени и земјоделци кои со децении граделе живот во пограничните села. Хотели, продавници и семејни куќи често градени со години во некои случаи биле уништени за неколку моменти, оставајќи зад себе економска и социјална празнина.

Овие села со децении биле и симбол на поврзаност меѓу локалното население и дијаспората, каде што семејствата од Европа и Австралија се враќале барем еднаш годишно. Со нивното уништување, исчезнува и таа симболична врска со „домот“ кој постоел и покрај долгогодишните конфликти.

Сегашната ситуација повторно го отвора прашањето за границата меѓу воена стратегија и колективно казнување, како и за долгорочните последици врз цивилното население во една од најнестабилните региони во светот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни