Search

Скопје, колку ли уште ни треба за да те домакедончиме?

„Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме со помош на целата наша заедница. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност.“ 27 јули 1963 година – Тито

Секоја година на 26. јули се навраќаме на катастрофата. Тие дваесет секунди на чист ужас и хорор, во кои Скопје губи 1070 свои жители и околу 16000 станови. Во катастрофата се уништени 70 проценти од градските згради и инфраструктура и сто проценти од дотогашниот начин на живот и културната динамика на заедниците кои живееле во него до тогаш.

Секоја година на 26. јули се навраќаме и на обновата на Скопје. На помошта од тогаш братските „народи и народности“ на Социјалистичка Југославија,  на Тито и неговата порака за повторна изградба на Скопје. Се навраќаме на војниците на СССР и САД кои среде Студената војна, заедно работат  на санирање на штетите, на 82 држави кои помагаат да се изгради Скопје од нула. Скопје, навистина станува град на светската солидарност.

Кензо Танге и донекаде Адолф Циборовски, се исто дел од темите кои стануваат фолклор поврзан со сеќавањето на земјотресот. Нивните планови за изградба на ултра-модерен град, иако никогаш не спроведени и практично незаслужено –  ги доживуваме како наше богатство и културна вредност.

Развојот на Скопје како главен град и метропола може да се подели на три фази, или попрецизно – состојби.

Правата состојба е Скопје пред земјотресот. Релативно мало градче (но, со брзорастечко население), со маалска организација наследена од Отоманскиот период и градски куќи и институции подигнати во времето на кралството Југославија.

Втората состојба е Скопје по земјотресот. Старото Скопје е избришано и на неговите рушевини се гради новото Скопје. Скопје на модерната, на брутализмот, зградата на ЦеКА, Скопје со булевари, резиденцијални населби, урбано живеење. Некој вид македонска верзија на современ град, кој од една страна и исклучитено модерен и плански, а од друга страна формира етнички гета во кои живеат Албанците и Ромите. Сепак, според мене тоа е најдобрата состојба во која се наоѓал градот и во тој период заличува на модерен град.

Во третата состојба – Скопје под градежната мафија, градот запаѓа во периодот на осамостојувањето. Во овој период жителите на Скопје почнуваат директно да ги бираат раководителите на Градот и неговите општини. Избраните раководители пак, почнуваат со давење на градот Феникс, со лоши ГУПови и ДУПови, кои овозможуваат две работи: правење купишта пари и неповратно уништување на големи делови од градот (ако не и целиот град).

Скопје се самоповредува на повеќе начини. Со лоша инфраструктура, лоши комунални претпријатија со уште полоши услуги. Јавен превоз во колапс, парно греење кое никој не знае чие е, депонија Вардариште, загаден воздух, загаден Вардар. Ѓубре на улица, ѓубре во тревата, ѓубре околу контејнери. Ѓубре насекаде.

Скопје се самоповредува и кога бира кој да го води и уверен сум дека и следниот пат ќе го направи истото. Едноставно таква е природата на Градот оставен без меѓународен стручен надзор – се самоповредува.

Во една песна Гане Тодоровски, ламентира за Македонија: …колку ли уште ни треба за да те домакедончиме?! Е па, Гане – Огане, ете уште малку. Да завршиме со Скопје и се ќе биде домакедончено.

Најново

Последни колумни