Во срцето на Франција, во долината на реката Лоара, се наоѓа најголемиот број троглодитни села во Европа – села и куќи врежани директно во карпите, кои луѓето сè уште ги користат денес.
Овие необични згради, кои некогаш служеле како засолништа, сега се претворени во удобни домови, винарии, музеи, па дури и луксузни хотели и претставуваат една од најавтентичните и најатрактивните туристички дестинации во овој дел од светот.
Повеќето од куќите во карпите се населени и денес
Долината на Лоара е регионот со најголема концентрација на троглодитни куќи кои се уште се користат во Европа, а веројатно и во целиот свет.
Иако постојат и други познати троглодитски населби како што се Матера во Италија, Кападокија во Турција или Петра во Јордан, тие се претежно археолошки наоѓалишта или делумно населени.
Она што ја издвојува долината на Лоара е фактот дека голем број од овие куќи сè уште им служат на луѓето за живеење и работа.
Како се создадени овие села?
Селата почнале да се развиваат во средниот век, кога мекиот бел варовник бил ископан од карпите за изградба на замоци, цркви и други значајни градби по кои долината на Лоара е позната денес. Во карпите се создале шуплини, кои сиромашните работници почнале да ги користат како засолништа.
Со текот на времето, овие пештери биле претворени во трајни живеалишта, штали и магацини. Некои фарми на троглодити биле во употреба до 19 век, додека денес многу од нив се претворени во туристички атракции и занаетчиски работилници.
Природната клима како предност
Куќите врежани во карпите имаат стабилна температура во текот на целата година, никогаш пониска од 14 и никогаш повисока од 18 степени Целзиусови.
Поради ова, тие се енергетски ефикасни, тивки и заштитени од надворешни временски услови, а во исто време и многу живописни. Долината на Лоара е лесно достапна со воз од Париз и поголемите градови, но најдобриот начин да се истражат овие села е со автомобил.
Најпознатите троглодитни села во долината на Лоара
Селото Сомур, сместено помеѓу реките Лоара и Тоет во регионот Мен и Лоара, се смета за центар на светот на троглодитите. Тука, првите куќи биле изградени како резултат на вадење камен, а денес многу од нив се претворени во винарски визби и куќи за одмор. Демур де ла Вињол е посебен – сместување во пештера со подземен базен.
Исто така, Туркван е едно од најважните троглодитни села во Франција, со околу 500 жители. Недалеку е Дуо-ла-Фонтен, познат по своите големи пештери, музеј и зоолошка градина врежани во карпите.
Водени тури за целосно искуство
Во селото Тро, познато по своите шеталишта и скали што ги поврзуваат пештерите, можете да посетите и автентична троглодитна куќа од 20 век – пештерата Јукас. Локалните водичи раскажуваат интересни приказни и ги откриваат сите скриени детали за овие магични места.
На само десет километри оддалеченост е Лавардин, едно од најубавите села во Франција, со панорамска патека што води покрај бројни троглодитни куќи, како и остатоци од средновековен замок и фрески од 12 век во црквата Сен-Жене.
Живот и занаети во карпи
Вилејн-ле-Роше се наоѓа во долината на реката Индре, позната како центар за изработка на кошници, каде што со векови се ткаела врба во троглодитни куќи.
За време на фестивалот Ден на троглодитите во јуни, домаќините ги отвораат своите врати за посетителите. Недалеку, во долината Гупиљер, има три фарми кои го прикажуваат животот на селаните од средниот век до 19 век, со фурни за леб, амбари и соби врежани во карпите, кои служеле и како засолниште од разбојници.
Оаза на историја и мир
Троглодитските села во долината на Лоара не се само единствена историска атракција, туку и места кои го зачувале мирот и автентичноста.
Тука се одгледуваат печурки, се прави и складира вино, а некои пештери се украсени со светлосни инсталации.
За оние кои сакаат да избегаат од топлината и вревата на градот, додека откриваат стари занаети и богата историја, долината на Лоара е вистинско мало чудо кое сè уште не е откриено.