Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американската валута во однос на шестте најзначајни светски валути, падна за 0,5 проценти – на 97,71 поен. Во однос на еврото, доларот се намали за 0,3 проценти, па курсот на еврото достигна 1,1740 долари. Американската валута ослабе и во однос на јенот, за 1,4 проценти, при што доларот падна на 147,45 јени.
Привременото затворање на сојузните служби, поради тоа што демократите и републиканците не успеаја да постигнат договор за нивно финансирање, влијаеше негативно на пазарите.
„Прекинот на работата на државните институции ја зголеми загриженоста околу состојбата на економијата. Без редовни макроекономски извештаи, инвеститорите не знаат што точно се случува. Доколку ваквата состојба потрае, стравовите за последици врз економијата ќе растат“, изјави Џајати Бхарадвеј, валутен стратег во TD Securities.
Дополнителен притисок врз доларот доаѓа и од очекувањата дека Федералните резерви ќе продолжат со нови намалувања на каматните стапки. Последните податоци покажуваат дека американскиот пазар на труд слабеe, што беше и главната причина за неодамнешното намалување на каматата на ФЕД за 0,25 процентни поени.
Инвеститорите предвидуваат дека централната банка ќе ја намали каматата уште двапати до крајот на годината – во октомври и декември. Дел од челниците на ФЕД ја поддржуваат оваа идеја, додека други предупредуваат дека не треба да се брза, бидејќи инфлацијата сè уште е над целното ниво од околу 2 проценти.