Првата наградата е доделена на новинарот Мартин Пушевски за сторијата со наслов „Аерозагадување – има решенија за горливиот проблем, нема храброст“, објавена на Македонската радио телевизија. Станува збор за документарен филм во кој главната тема е проблемот со кој Македонија, со фокус на Скопје се соочува секоја година, а тоа е фактот што земјата се соочува со застарени енергетски капацитети, неефикасен транспорт и неконтролирано градење, сепак, најголемото аерозагадување доаѓа од домаќинствата.
Втората награда беше доделена на новинарката Емилија Мисирлиевски за новинарска содржина емитувана во рамките на истражувачкиот магазин „Код“ на ТВ Телма со наслов „Загаден воздух и еколошка правда“, во кој се обработува темата за загадувањето во Битола и негативните ефекти од тоа.
Третата награда беше доделена на новинарката Убавка Јаневска со наслов „Сеништето никако да се тргне од Велес, од ископите на троска продолжува загадувањето со тешки метали“ во која се истражува за долгогодишниот проблем со велешката топилничарска депонија.
Покрај наградените, денеска посебно признание беше врачено на новинарот Асдрен Челику од Македонската Радио Телевизија – детска редакција за иновативен и креативен пристап и придонес кон кревање на јавната свест за животната средина.
На свечениот настан свои обраќања пред присутните имаа претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, амбасадорката на Шведска во Северна Македонија, Ами Ларсон Jаин и постојниот претставник на УНДП во земјава, Армен Григорјан, како и наградените новинари и претставници на комисијата за 2024 година.
Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски во своето обраќање пред присутните ја истакна важноста на новинарите во процесот на кревање на свеста за оваа проблематика, како и моќта на медиумите во целиот процес.
„Секојдневно сме сведоци на разорните влијанија на загадувањето на воздухот врз здравјето на луѓето, животната средина и општеството во целина. Од градовите задушени од смог, до индустриските локации кои испуштаат отровни гасови, доказите за оваа криза се непобитни. Ние, новинарите сме мостот помеѓу јавноста и проблемите кои не засегаат сите. Нашата моќ е во точно пренесување на информациите, покажување со прст на конкретната проблематика, и не само еднаш туку континуирано се додека не се крене свеста на највисоко ниво“ – рече Чадиковски.
Амбасадорката на Шведска, Н.Е. г-ѓа Ами Ларсон Јаин потенцираше дека новинарите се оние кои придонесуваат да се создаде критична маса на свесни граѓани кои од носителите на одлуки ќе бараат решенија за загадувањето на воздухот. Обликувајќи ги фактите и бројките во добро раскажани стории, новинарите се тие кои поттикнуваат акција за промени.
„Оваа улога на пробивање низ смогот на дезинформации и расветлување на критичните аспекти на едно прашање е она што ве прави како новинари толку незаменливи. Преку вашето немилосрдно стремење кон вистината, општеството подобро се запознава себеси и затоа е во состојба подобро да се вклучи со своите недостатоци “- рече амбасадорката.
Армен Григорјан, постојаниот претставник на УНДП во земјава, ja истакна важноста на новинарите во секое општество посебно во кревање на свеста за загадувањето на воздухот.
„Секојдневно, новинарите се на првите борбени линии за подигање на свеста за предизвикот на загадувањето на воздухот, барајќи одговори на критичните прашања: Што го загадува воздухот што го дишеме? Што може и што треба да се направи за да се реши тоа? УНДП ја признава нивната работа како витален фактор за информирање на јавноста и мобилизирање на општеството за изнаоѓање ефективни начини за борба против загадувањето на воздухот. Со расветлување на причините и последиците од загадувањето на воздухот, медиумите поттикнуваат одговорност и акција од креаторите на политиките и на тој начин ги охрабруваат граѓаните да се вклучат во решенијата.“
Целта на јавниот повик за истражувачките стории беше да се подигне свеста за постоечките проблеми со аерозагадувањето и да се поттикне поголема покриеност на овие теми од страна на новинарите на локално и национално ниво како придонес кон изнаоѓање на најдобрите начините за нивно решавање или ублажување.
Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ е дел од Програмската рамка на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), финансирана од Шведска. Проектот го имплементира УНДП во партнерство со Здружението на новинарите на Македонија и Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица. Во рамки на програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.
Фотограф: Надица Манева Ангеловски