Документарец за Орбан покажува поткуп на гласови само две недели пред изборите

Филмот тврди дека во десетици изборни единици во Унгарија гласачи биле изложени на притисоци, поткуп и закани во корист на Фидес, во пресрет на парламентарните избори на 12 април.

Унгарската влада на Виктор Орбан се соочува со сериозни обвинувања за масовно заплашување на гласачи пред парламентарните избори закажани за 12 април, откако документарниот филм The Price of the Vote објави тврдења за притисоци, поткуп и злоупотреби во корист на владејачката партија Фидес. Филмот, кој беше прикажан во четвртокот во Будимпешта и на YouTube, е резултат на шестмесечна истрага на независни автори и новинари.

Во филмот, гласачи, градоначалници, поранешни изборни службеници и полициски службеник тврдат дека на избирачи им биле нудени пари, а во некои случаи и дрога, за да гласаат за Фидес. Според наводите, мета биле 53 од 106 индивидуални изборни единици и до 600.000 гласачи, што би можело да претставува околу 10 проценти од очекуваната излезност.

Случаите што ги обработува филмот главно се од рурални и помали средини, каде, според сведоштвата, локални функционери имале силна контрола врз секојдневниот живот на жителите. Во дел од сведоштвата се наведува дека работни места, огревно дрво, превоз до гласачки места, па дури и пристап до лекови, биле користени како средство за обезбедување „правилен“ глас на денот на изборите.

Еден од авторите на филмот, Арон Тимар, за BBC изјавил дека во текот на истрагата станало јасно оти не станува збор само за купување гласови, туку за многу поширок систем на зависност и ранливост. Во филмот има и сведоштво од активен полициски службеник со скриен идентитет, кој тврди дека парите „влегуваат во прилично голем обем“.

Меѓу најтешките обвинувања се и тврдењата дека во сиромашни средини синтетичка дрога се користела за купување гласови. Во текстот се наведува и дека во некои од селата спомнати во филмот на претходни избори Фидес добивал меѓу 80 и 100 проценти од гласовите.

BBC наведува дека побарал реакција од повеќе владини институции и министри. Засега единствен одговор дошол од министерот за јавна администрација и регионален развој Тибор Наврачич, кој изјавил дека, доколку има незаконитости, Министерството за внатрешни работи треба да си ја заврши работата. Тој не ги коментирал конкретните наводи.

Објавувањето на филмот доаѓа во исклучително напната предизборна атмосфера. Според BBC, последните анкети даваат различни слики, при што една агенција ѝ дава предност на опозициската Тиса, а друга на Фидес. Во исто време, кампањата е придружена со секојдневни обвинувања за домашни и странски влијанија врз изборниот процес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни