Доктор Виктор Станков, специјалист уролог

Грижете се за вашето здравје како што се грижите за вашите коли

Како лекар и како уролог, тоа што би им сугерирал на мажите вака симболички кажано, е да се грижат за своето здравје како што се грижат за својата кола. Како што гледаат каде ја паркираат, гледаат какво гориво и ставаат, редовно ја одржуваат, ја перат, гледаат да нема гребаница, препорачувам така да се грижат и за своето здравје, симболички нормално кажано. Сметам дека не треба да се претерува во ништо и да се најде некој баланс. Да гледаме да внесуваме почесто здрава храна, овошје, зеленчук, количина на протеин, здрава и честа физичка активност и многу е битно справување со стресот, значи да имаме мирен сон

Movember е движење кое ги оспорува традиционалните поими, ги руши културолошките бариери и ги охрабрува мажите да  зборуваат за своето здравје и отворено да ги изразат своите борби.Со доктор Виктор Станков, уролог од Клиниката за Урологија зборувавме за тоа колку мажите се грижат за своето здравје и дали успеавме да излеземе од стереотипите кога станува збор за редовните контроли и грижата за здравјето.

-Споредбено со жените, особено на овие балкански простори, вие жените уште од помлади години имате тенденција да посетувате доктор, односно правите редовни гинеколошки прегледи и скрининзи. Исто така се грижите и за вашето ментално здравје, одите на јога, пилатес, на шопинг, на козметичар. А што се однесува до мажите, сметам дека на овие простори генерално, грижата е далеку на пониско ниво споредбено со западните земји. Можеби влијание тука има и тој наш балкански менталитет. Ние сме од млади учени дека не треба да се жалиме, не треба да покажуваме емоции, не треба да плачеме. Мислам дека сето ова вродува со плод понатаму во животот да не сакаме да побараме помош кога ни е потребна и да направиме скрининг, кога треба нели – вели др. Станков.

Токму затоа иницијативата како Мовембер која прерасна во глобално движење ги поттикнуваат мажите да пуштат мустаќи како симбол за свесност и поддршка на иницијативите за машко здравје.Мажите, во просек, посетуваат лекари поретко од жените, што резултира со подоцнежно откривање на болести кои можеле да се третираат успешно доколку биле рано дијагностицирани. Навремените контроли, особено прегледите за рак на простата и тестиси, играат клучна улога во одржувањето на здравјето и спречување на сериозни компликации. Статистиките покажуваат дека редовните прегледи може да го намалат ризикот од смртоносни исходи кај мажите.

Мажите во Европа имаат тенденција поретко да одат на превентивни здравствени прегледи во споредба со жените, а истражувањата покажуваат дека само околу 30-40% редовно посетуваат вакви контроли. Културните фактори и недостатокот на свест значително влијаат врз ова, бидејќи многу мажи сметаат дека превентивните прегледи не се неопходни, особено ако нема видливи симптоми. Слични се трендовите и во Северна Македонија.

Иницијативите насочени кон подигнување на свеста за важноста на превентивната грижа за здравјето на мажите, особено во однос на болести кои можат да се спречат со рана детекција, како што се кардиоваскуларни заболувања и одредени типови рак.

-Сметам дека иницијативите како мовембар се многу корисни и се многу распространети во светот, кај нас помалку, кај нас имаме еднаш годишно мовембар и толку е. Во светот многу повеќе се зборува за подигање на свеста по прашање машкото здравје. На овие простори за разлика од светот многу помалку се обрнува внимание за подигање на свеста за јавното здравје, односно за машкото здравје. Овие иницијативи како мовембар имаат за цел да ја подигнат свеста со тоа што на некој начин ги поттикнуваат луѓето на отворени разговори на теми како карционална простата, карцином на тестиси, грижа за своето здравје, грижа за своето психичко здравје и така натаму. И сметам дека овие акции треба да се фаворизираат што повеќе и повеќе – вели др Станков.

Movember бара мажите да направат чекор кон редовна грижа за своето здравје. Прегледите за рак на простатата се едноставни и краткотрајни, но можат да спасат животи.

-Што се однесува до превентивните прегледи, не ги плашат толку превентивните прегледи, туку едноставно мажите не се информирани, мислам дека не се информирани кога треба да отидат на доктор, како, зашто, колку често. Конкретно за уролог се препорачува дека треба да се прават редовни прегледи, најмалку еднаш годишно на секој маж над 50- годишна возраст, а доколку мажите имаат некои заболувања во фамилијата на уринарниот тракт, доколку знаат дека има некои заболувања фамилијарни, потребно е тие прегледи да се направат и порано, да кажеме 45 година. Мислам дека стравот кај мажите, зашто вие жените сте похрабри од нас, е што кога доаѓаат симптомите, симптом како хематурија, или крварење во урина, односно крв во урина, кога веќе доаѓаат тие симптоми сметам дека мажите се плашат да одат на доктор, викаат не ми е ништо, ќе помине, јадев цвекло, прехлада, настинка и така натаму. Тука е стравот. А неинформираноста е бидејќи не знаат кога да отидат, колку често и каде да се обратат. Тука исто така би ги набројал, би ги потенцирал како проблем и долгите листи на чекање. Значи пациентите чекаат во амбуланта, чекаат за операција и на некој начин тоа делува многу деморивирачки, и за самите прегледи – објаснува др Станков.

Според него, секаде во светот па и кај нас тренд на зголемување на болести кои се предизвикани од таканаречен нездрав начин на живеење и од зголемено ниво на стрес. А тоа е подлога за сите болести. Нездравиот начин на живот и стресот се осова за кардиоваскуларни заболувања, за ментални заболувања, исто така и за карциноми.

-Тоа што е различно од порано е што мажите многу почесто сега се дијагностицираат со тие заболувања, од порано, поради подигнатата свест од овие кампањи како мовембар. Порано луѓе имаат карцином на простата, човекот ќе си почине со карцином а нема ни да знае дека го има, единствено карциномот може да се најде на биопсија, доколку му се направи, односно на аутопсија. Како лекар и како уролог, тоа што би им сугерирал на мажите вака симболички кажано, е да се грижат за своето здравје како што се грижат за својата кола. Како што гледаат каде ја паркираат, гледаат какво гориво и ставаат, редовно ја одржуваат, ја перат, гледаат да нема гребаница, препорачувам така да се грижат и за своето здравје, симболички нормално кажано. Сметам дека не треба да се претерува во ништо и да се најде некој баланс. Да гледаме да внесуваме почесто здрава храна, овошје, зеленчук, количина на протеин, здрава и честа физичка активност и многу е битно справување со стресот, значи да имаме мирен сон – вели др Станокв.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни