Дојран ќе добие инклузивна плажа на брегот на езерото, во рамки на регионален проект за подобрување на пристапноста во туризмот. Проектот има за цел да обезбеди еднаков пристап до јавните туристички услуги за сите граѓани.
Во рамки на проектот „Пристапност и инклузија за сите до јавните туристички добра и услуги“ (TX4ALL), во кој учествува Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, ќе се изгради инклузивна плажа на Дојранското Езеро.
Проектот се реализира преку Интеррег VI-A ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Грција.
На почетниот состанок одржан во Солун, организиран од водечкиот партнер, Институтот на Националната конфедерација на лица со попреченост од Грција, беа презентирани проектните активности и тимовите вклучени во реализацијата.
Покрај изградбата на инклузивна плажа во Дојран, проектот предвидува и набавка на електрични возила за туристички разгледувања во југоисточниот регион, поставување на 14 универзално пристапни знаци за насочување, како и обезбедување на 18 мобилни рампи за општините.
Од Центарот за развој на Југоисточниот регион посочуваат дека TX4ALL е чекор кон создавање подостапен и поинклузивен туризам, кој ќе им овозможи на сите граѓани еднаков пристап до туристичките содржини.