Дојче Веле го намалува буџетот: Укинува програми и отпушта 160 вработени

Германската медиумска куќа Дојче Веле поради намалена државна поддршка укинува повеќе јазични програми и ја гаси емисијата „Europeo“, а без работа би можеле да останат 160 вработени.

Германската медиумска куќаДојче Веле (DW), која произведува програма наменета за странство, е принудена на кратења поради намалување на државната поддршка. Како што беше соопштено, планирано е укинување на одделни програми и отпуштање на околу 160 вработени.

„Мерките за штедење ја загрозуваат нашата конкурентност, и тоа во време кога силното германско и европско присуство е геополитички сè поважно“, изјави директорката на DW, Барбара Масинг, по објавувањето на мерките.

Укинување програми на повеќе јазици

Според најавените промени, се укинува програмата на грчки јазик, додека програмите на албански, бугарски и македонски јазик ќе бидат редуцирани. Се гаси и ТВ-емисијата „Europeo“, која се продуцираше на хрватски, босански и српски јазик.

Претседателот на Медиумскиот совет, Карл Јуесент, оцени дека овие мерки се особено проблематични во актуелниот глобален контекст.

„Овие мерки се особено горчливи ако се земе предвид зајакнувањето на руската и кинеската пропаганда и фактот дека САД ја укинуваат својата програма за странство“, рече Јуестен, алудирајќи на одлуката на администрацијата на Доналд Трамп да ја укине поддршката за американскиот меѓународен сервис Voice of America.

Намалена поддршка од Бундестагот

Германскиот парламент, Бундестаг, минатата есен ја намали државната поддршка за DW за 10 милиони евра. Со тоа продолжи трендот на кратење на буџетот, имајќи предвид дека пред две години финансирањето беше намалено за дополнителни 20 милиони евра.

Одлуката предизвика изненадување бидејќи новата демохристијанско-социјалдемократска влада на канцеларот Фридрих Мерц пред стапувањето на власт најави посилна поддршка за DW, особено по американските кратења во меѓународното емитување.

За разлика од другите јавни сервиси во Германија, кои се финансираат преку претплата, програмата на Дојче Веле во целост се финансира од државниот буџет.

Критики од синдикатите

Мерките за штедење наидоа на остри критики од синдикатите. Синдикатот Верди предупреди дека со овој потег „ќе бидат замолчени гласовите кои ширум светот ги поддржуваат демократските сили“.

Членот на управата на синдикатот на вработените во јавните служби, порача дека Германија во време на глобална борба за стручна работна сила со вакви потези дополнително ја слабее својата конкурентност.

Намалувањето на буџетот и гасењето програми отвора прашања за долгорочната улога на Дојче Веле во меѓународниот медиумски простор, особено во период на засилени геополитички тензии и борба за информативно влијание.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни