Милорад Додик најави можни реципрочни мерки кон Хрватска, откако градоначалникот на Бања Лука, Драшко Станивуковиќ, беше задржан на граничниот премин Стара Градишка. Реакцијата следува по инцидентот што дополнително ги заостри политичките пораки меѓу Бања Лука и Загреб.
Според хрватската полиција, Станивуковиќ бил приведен затоа што одбил преглед на личниот багаж, што претставува прекршок според Законот за надзор на државната граница. По постапката, му биле издадени два прекршочни налога во вкупен износ од 390 евра, а потоа бил пуштен.
По првичните информации дојде до забуна околу тоа кога точно бил ослободен, но подоцна хрватската полиција појасни дека Станивуковиќ бил пуштен околу 13 часот, а не во текот на ноќта, како што првично беше објавено.
Додик по овој случај оцени дека станува збор за политички мотивиран однос кон граѓани од Република Српска и порача дека нема да дозволи, како што рече, тие да бидат жртви на туѓи политички и идеолошки пресметки. Засега, сепак, нема конкретни најави какви би биле тие реципрочни мерки.