Доделена државната награда „11 Октомври“ 

Наградата за животно дело во областа на културата и уметноста им беше врачена на актерката Теута Ајдини – Јегени, хорскиот диригент – проф. Летка Димовска – Полизова, како и на продуцентот – промотор на македонската уметност Иво Јанкоски

По повод 11 Октомври, попладнево во „Кристалната сала“ на Собранието на Република Северна Македонија беше доделена наградата „11 Октомври“ – признание за животно дело во дејности од јавен интерес.

Оваа награда се доделува како највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес.

Наградата за животно дело во областа на културата и уметноста им беше врачена на актерката Теута Ајдини – Јегени, хорскиот диригент – проф. Летка Димовска – Полизова, како и на продуцентот – промотор на македонската уметност Иво Јанкоски, додека во областа на науката и образованието на машинскиот инженер – проф. д-р Константин Димитров и на хемичарот, академик Глигор Јовановски.

Наградите беа врачени од страна на претседателот на Одборот за доделување на наградата, професор доктор Светозар Антовиќ, декан на Медицинскиот факултет во Скопје, кој пред присутните, меѓу другото, рече дека ова не е само награда, туку и обврска.

– Обврска да се продолжи патот на нашите претци – преку наука, култура, уметност, образование и општествена одговорност. Лауреатите на оваа награда се живи сведоци дека револуционерниот дух не згаснува, туку се преобразува во идеи, дела и вредности што се влог во нашата иднина, истакна Антовиќ.

Тој нагласи дека денес нашата држава претставува вистински пример за мозаик на традиции, што придонесуваат кон нашата богата духовна, културна, научна и уметничка сцена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни