Интервју со Соња Гиздавиќ, новинарка во пензија и позната кочанчанка

„Додека сум наздравувала за мојот роденден, Кочани горело“ – Соња Гиздавиќ за ноќта што го промени градот засекогаш

Кочани – некогаш жив град со богата културна сцена, денес место на тага и болка. Трагедијата што се случи во дискотеката, кога млади животи беа загубени во пламенот, ја потресе целата држава. За тоа како ја доживеа оваа несреќа, за нејзините спомени од Кочани и за тоа дали градот некогаш ќе го врати својот сјај, разговараме со Соња Гиздавиќ, позната кочанчанка и долгогодишна новинарка.

Трн: Како ја дочекавте веста за трагедијата во Кочани?

Соња: На 15 март го славев роденденот и моите пријатели останаа до доцна. Додека ние наздравувавме, на 16 март, Кочани гореше. Кога ја слушнав веста, плачев долго и силно. Ова е првиот ден кога само малку плачев, инаку сите претходни беа исполнети со непрекината болка. Не излегував од дома, не можев да се смирам. За среќа, моите роднини во Кочани се добро. Но, трагедијата е огромна. Не можев да се изнаплачам за ангелот што храбро спаси неколку животи.

Трн: До кога живеевте во Кочани и што паметите од вашето детство?

Соња: Од Кочани си заминав веднаш по матурирањето за да студирам во Скопје. Завршив јужнословенска книжевност и професионален курс за дактилографија, бидејќи не сакав од никого да зависам. Цел живот бев во новинарството.


Кочани беше мало, мирно место, каде сите се знаеја меѓу себе. Денес, многу од селата се спуштија во градот, па вистински кочанчани се бараат со боринче. Многумина купија станови во Скопје. Јас откако заминав во пензија на 59 години, половина од годината ја поминувам во Кочани, а другата половина во Скопје, од практични причини – куќата во Кочани не можам да ја загреам.

Трн: Како трагедијата лично ве погоди?

Соња: Ја доживеав многу тешко. Најпрво се прашував како можам да помогнам, дали да одам таму. Но, бев толку скршена што немаше да бидам од корист. Ќе требаше мене да ме тешат, наместо јас да тешам. Се јавив на сите мои блиски во Кочани за да проверам како се. За среќа, никој од моите пријатели и роднини не беше повреден.

Трн: Кочани беше познат по Драмскиот аматерски фестивал – ДАФ. Што се случи со него?

Соња: ДАФ беше гордоста на градот. Додека Благој Пенов беше директор на Домот на културата, фестивалот живееше. Но, откако тој замина во пензија, се запусти. Како и многу нешта во Кочани.

Трн: Каков беше Кочани пред трагедијата?

Соња: Жив град. Кафулињата преполни, трговскиот центар исто така. Четвртоците беа пазарни денови – одев да купувам и си седнував на мојата маса во „Деликатес“, каде келнерот веќе знаеше што пијам.

Трн: Отсекогаш ли имало ноќен живот во Кочани?

Соња: Да, но никогаш не знаев дека една штала, хангар за теписи, ќе ја претворат во дискотека. На времето, Лука имаше најдобро диско во Кочани, но беше стабилна градба, никогаш немаше инцидент. Тоа повеќе не работи.

Трн: Дали мислите дека градот ќе може целосно да се опорави?

Соња: Времето лечи сè, дури и најголемите болки. Но, за родителите кои изгубија дете – времето нема да излечи ништо. Кочани како град ќе продолжи понатаму, но таа болка ќе остане.

Трн: Ќе бараат ли кочанчани правда?

Соња: Да сум јас, ќе барам правда до крај. Но, дали ќе биде успешно? Судството ни е корумпирано. Знам од лично искуство како загубив плац во Кочани, бидејќи судијата беше потплатен.

Дали вакви трагедии ги поврзуваат луѓето?

Соња: Да, затоа што кај секој нормален човек има емпатија. Сочувство за болка, учество за радост! Ако ја немаш, не си човек.

Трн: Дали медиумите ја пренесоа вистинската слика за трагедијата?

Соња: Да. Секој детал беше пренесен. Гореле живи деца, нема дозираност тука – сè треба да се знае!

Трн: Кочани – од мирен град до трагедија. Како го доживувате тоа? Каква перспектива Кочани нудел и нуди за младите?

Соња: Мирно гратче каде сите се знаевме, почитувавме, другарувавме. Сега – руинирани згради, младите се иселуваат. Некогашниот хотел „Турист“, каде ја славевме матурската вечер, денес е јавен тоалет за наркомани и проститутки. Кога дипломирав, сакав да работам во Кочани, но во општината ми рекоа „веќе имаме кандидат“. Тој кандидат завршил ВПШ во Штип, а јас Филозофски факултет во Скопје. Така ми беше јасно дека таму нема иднина за мене.

Трн: Што е најважно сега да се направи по оваа трагедија?

Соња: Да одговараат сите што ја дозволија оваа катастрофа.Таа или тој што дале дозвола за таа штала од општината во Кочани да скапе во затвор, да не излезе од затвор. Никогаш повеќе да не се повтори нешто вакво. А Кочани… со тек на време, можеби повторно ќе заживее. Но, болката никогаш нема да исчезне.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни