Додека пожарот се шири, државната помош ја нема – Градоначалникот повикува на спас на Крива Паланка

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, преку видео обраќање на социјалната мрежа Фејсбук, упати итен апел за помош поради пожарот што се шири кон населениот дел од градот. Тој предупреди дека ситуацијата е сериозна и животозагрозувачка, а државната поддршка до овој момент сè уште не е пристигната.

„Во моментот состојбата е повеќе од животозагрозувачка. Сакам да упатам апел и за смиреност и за вклучување во гаснењето на пожарот. Жал ми е што државна помош се уште не е пристигната и покрај нашите постојани инсистирања. Огнената стихија го зафаќа десниот брег на Крива Паланка и опасно се доближува до домовите,“ изјави Митовски.

Тој ги повика граѓаните да се вклучат во акцијата за гаснење, но и да се воздржат од непотребно движење по патиштата и да не ја трошат водата од бунарите за други цели освен за гаснење.

„Побаравме помош од Бугарија, како и од општините Кратово, Пробиштип, Куманово и Ранковце. Побарана е и интервенција од Армијата и хеликоптерската единица. Очекуваме сериозна поддршка во најкус можен рок,“ додаде тој.

Градоначалникот апелираше до граѓаните да не шират паника и страв, туку да останат смирени и да делуваат солидарно.

„Господ нека и е на помош на Крива Паланка,“ заврши тој во своето обраќање.

Пожарот засега останува неконтролиран, а локалните служби за итна интервенција, заедно со доброволци, се обидуваат да го стават под контрола. Ситуацијата се следи со зголемено внимание и се очекува вклучување на повеќе институции во наредните часови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни