25 години посветеност, визија и хуманост:

Доцент д-р Билјана Костовска, единствената жена во земјава со три специјализации во офталмологијата и повеќе од 40.000 операции

Доцент д-р Билјана Костовска е единствената жена офталмохирург во земјава и регионот со три специјалности и повеќе од 40.000 изведени операции. Нејзината приказна е приказна за посветеност, истрајност и љубов кон професијата, но и за семејството, за жената во науката и за визијата што не познава граници.
д-р Билјана Костовска

Во светот на медицината, постојат професионалци кои не само што ги надминуваат техничките граници на својата професија, туку и ги кршат општествените стереотипи, градат мостови помеѓу науката и хуманоста, и остават длабоки траги, не само во операционите сали, туку и во животите на илјадници пациенти. Таков лекар е доцент д-р Билјана Костовска – офталмохирург, визионерка и мајка, која 25 години посветено ја води својата професионална и лична приказна низ објективот на науката, емоцијата и континуираното учење.

Во медицината, каде што секој потег може да значи нов почеток за нечиј живот, постојат имиња што не само што ја обликуваат професијата, туку и ја хуманизираат. Доцент д-р Билјана Костовска е единствената жена офталмохирург во земјава и регионот со три специјалности и повеќе од 40.000 изведени операции. Нејзината приказна е приказна за посветеност, истрајност и љубов кон професијата, но и за семејството, за жената во науката и за визијата што не познава граници.

Корените на една посветеност

„Навистина е голем успех,“ вели д-р Костовска, со тивка гордост што не произлегува од бројките, туку од патот што го изодела. „Мојата фамилија е докторска фамилија, и јас како хирург успеав да совладам три различни хирургии. Прекрасно е чувството да работиш во својата земја, со својот народ. Знаете, јас сум порасната како дете на клиника. Моите основни чекори ги направив во Клиничкиот центар во Скопје, каде што работев десет години, а потоа продолжив да се едуцирам и надвор од Македонија. Најмногу се усовршив во Лондон, во Moorfields Eye Hospital – искуство што ми го отвори погледот кон светската офталмологија.“

Таа не зборува за успехот како за нешто лично, туку како за заеднички напор – на семејството, на тимот, на пациентите. „Растев и како хирург, и како мајка, и како сопруга, и како член на фамилијата. Успехот се должи и на добрата поврзаност со моите најблиски. Мојата ќерка е исто така очен доктор – за осум месеци ќе специјализира во Загреб. Тоа ми е посебна гордост.“

Доц. д-р Билјана Костовска

Жена во „машка“ професија

Во професија што долго време се сметала за машка, д-р Костовска е доказ дека прецизноста, смиреноста и љубовта кон професијата не познаваат пол. „Се пробиваат стереотипи,“ вели таа. „Жените имаат извонредна фина моторика, што е идеално за микрохирургија. Но потребни се и дисциплина, и смиреност, и многу љубов. Тоа не се учи – тоа се носи во себе.“

Нејзината кариера е пример за тоа како жените не само што можат да бидат дел од најсложените медицински полиња, туку и да ги предводат. „Порано не беше лесно. Но денес, сè повеќе жени се одлучуваат за хирургија, и тоа е охрабрувачки знак.“

Три хирургии, една мисија

Доц. д-р Костовска е специјалист по три различни офталмолошки хируршки дисциплини – преден сегмент, катарактна хирургија и витреоретинална хирургија. „Работам и преден и заден сегмент. Предниот сегмент е ласерска хирургијата – најчесто кај млади пациенти од дваесет до четириесет години, кои имаат диоптрии и не сакаат да носат очила или контактни леќи.“

Втората хирургија, катарактната, денес е сè почеста и кај помлади пациенти. „Порано просекот беше седумдесет години. Сега, верувајте, имаме пациенти од педесет, па дури и четириесет години. Тоа е последица и на современиот начин на живот, но и на постковид состојбите.“

Најсложената, но и најдрага ѝ е витреоретиналната хирургија. „Тоа е најтешката хирургија, морам да кажам. Но и една голема љубов. Бара целосна посветеност, искуство и стабилност. Таму нема простор за импровизација – секој потег мора да биде прецизен.“

Доц. д-р Билјана Костовска

Нови болести, нови предизвици

Во последните години, офталмологијата се соочува со нови предизвици. „Во претходните дваесет години, пациентите најчесто доаѓаа поради дијабет, катаракта или диоптрија. Денес, веќе се појавуваат со некои ‘модерни’ болести – дигитален замор, макуларни дегенерации кај млади, па дури и трауми поврзани со технологија.“

Таа посочува дека траумите се најголем предизвик за секој хирург. „Тоа се случаи што бараат итност, концентрација и огромна одговорност. Но токму тие случаи нè тераат да бидеме подобри.“

Македонија на светската мапа

Како дел од тимот на Системна офталмологија и Промедика, д-р Костовска е горда што Македонија може да се мери со светските стандарди. „Нашата клиника успева да ги покрие речиси сите болести што се лекуваат и во светот. Пациентите веќе знаат дека можат да добијат врвна услуга и тука – и доаѓаат не само за операција, туку и за консултација дали има потреба да одат во странство.“

„Да, сите интервенции ги правиме – освен трансплантација на рожница. Но сè друго – од трауми, до импланти и интравитреални лекови – може да се третира кај нас. И навистина сум среќна што Македонија може да се пофали со високо ниво на офталмохирургија.“

Надвор од салата: човекот зад професијата

Иако нејзиниот професионален живот е исполнет со одговорност и динамика, д-р Костовска не заборава на себе. „Обожавам да пешачам, да сум активна. Сакам да вежбам, да патувам со моите најмили. Последно време често патувам во Хрватска – секој нов град, секоја нова држава ми е инспирација.“

Но нејзината прва љубов, пред медицината, била музиката. „Свирам клавир. Моето семејство мислеше дека ќе бидам пијанист. Но ете, животот ме однесе во друга насока – и не жалам. Зашто и хирургијата, на некој начин, е уметност.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни