Добротворната организација Сара Фергусон се затвора поради врските со Џефри Епстин

Добротворната организација Sarah’s Trust, поврзана со британската војвотка Сара Фергусон, најави затворање по објавувањето нови документи за нејзината комуникација со осудениот педофил Џефри Епстин.
Фото: Patrick McMullan | Getty Images

Добротворната организација Sarah’s Trust, основана и предводена од британската војвотка Сара Фергусон, објави дека ќе се затвори „во догледно време“, по новите откритија за нејзините врски со осудениот педофил и финансиер Џефри Епштајн.

Портпарол на организацијата соопшти дека одлуката е донесена со согласност на Фергусон и управниот одбор, додавајќи дека затворањето било разгледувано и подготвувано веќе неколку месеци, пренесува Sky News. Според него, членовите на организацијата и понатаму се „исклучително горди на работата што ја извршиле во последните години“, вклучително и доставувањето хуманитарна помош за време на пандемијата и за лицата погодени од војната во Украина.

Одлуката доаѓа откако минатата недела беа објавени нови документи поврзани со Епштајн, кои дополнително ја осветлуваат природата на односот меѓу поранешната војвотка од Јорк и покојниот милијардер.

Контроверзни пораки до Епстин

Во понеделникот, во јавноста излегоа повеќе електронски пораки испратени до Епштајн од адреса за која се верува дека ѝ припаѓала на Сара Фергусон. Меѓу нив има и две пораки од 2010 година.

Во е-пошта испратена на 30 јануари 2010 година, од профил под името „Sarah“, Епштајн е опишан како „легенда“, а во пораката се изразува благодарност за неговата „великодушност и добрина“, со зборовите: „Стојам на располагање. Само ожени ме.“ Sky News наведува дека се верува оти пораката ја испратила токму Фергусон, иако не е познато на што таа била одговор.

Во друга порака од септември 2010 година, испратена од корисник потпишан како „Ferg“, кој исто така се поврзува со Фергусон, се поставува прашање кога Епстин ќе ја „вработи“. Во одговорот, Епстин наведува дека ќе го посети Лондон во наредните недели за да „разговараат“, додавајќи: „Никогаш не сум те изневерил.“ На тоа следи одговор: „Ниту јас тебе, и никогаш нема. Моето пријателство е цврсто до самиот крај.“

Претходна изјава на Фергусон

Во интервју од 2011 година, Сара Фергусон изјави дека никогаш повеќе нема да има каква било врска со Џефри Епштајн, нагласувајќи дека се гнаси од педофилија и од каква било форма на сексуална злоупотреба на деца, и дека контактот со него бил „огромна грешка во проценката“.

Епштајн во 2008 година призна вина за подведување, вклучително и малолетничка, а во 2019 година беше пронајден мртов во затворска ќелија во Њујорк додека чекаше судење за трговија со луѓе со цел сексуална експлоатација.

Извор: Sky News / EPA

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни