Добро ни оди

Кога ви е убаво, времето минува брзо. “Најдолгиот и најдепресивниот“ месец во годината – Јануари – мина експресно и нѐ увери дека тие негативни епитети за него, се само обична клевета. Фебруари, искрено не го ни забележав. Утрово на будење мислев дека е сè уште фебруари, но реалноста ме корегираше: сме загазиле во март со двете нозе, а по малку и со рацете. Попусто се жалиме ние Македонците дека ништо не ни чини. Времето буквално ни лета, а да ве вратам на поентата: времето минува брзо кога ви е убаво. Значи добро ни оди. Сакале – нејќеле, така е.

Ете Скопје на пример, никогаш не било поубаво. Ниту помодерно. Завиткани во прегратките на најзагадениот воздух во Европа – благороден дим кој совршено потсетува на холивудските урбани филмски хитови – итаме кон празните културни институции, желни за духовно искупување. Нема струја, нема луѓе, нема пиење… клуч на врата. Неверојатно креативна културна стратегија во очи на 2028ма, кога конечно ќе го запоседнеме тронот, како европска престолнина на културата. Можеби вратите се затворени, но секогаш можеме да се огледаме во нив и да уживаме во сопствениот одраз на луѓе кои отсекогаш можеле да препознаат енергија која му носи уникатен и модерен дух на градот. Да ја препознаат и секако поддржат. Затворена врата е најубавото огледало во овој град.

Од народ кој што се гордееше со отклучените, ако не и ширум отворени врати во седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век, се трансформиравме во култура на затворени врати. Не бираме кому, ние деновиве вратите ги затвораме секому. На попишувачите не им отворавме за да испаднеме што помалку на број. Тоа супер ни успеа. Осоколени од тоа историско достигнување, решивме да затвориме врата за компромисот, здравиот разум, а особено за сопствената корист. Конечно, како круна на оваа, за душата топла изолационистичка доктрина, им ги затворивме вратите и на сопствените деца и ги заклучивме од двете страни. Сега децата имаат избор: или да си одат од тука засекогаш, или да (о)станат исти како нас: неуспешни самоубијци. Така ни е убаво. Добро ни оди тоа. Мора човек да е добар барем во нешто, нели?

Кога сме кај децата… Во неделата видов некои убави и паметни деца во најдалечниот дел од Градскиот парк во Скопје, си правеа музички фестивал. Немаше врати, беше отворено. Се обидоа сосем независно од нашево така убаво стокмено општество, да направат привремена автономна зона на конструктивноста и младоста, во што и успејаа. Струја или без струја, оваа прекрасна младина го пошуми просторот со предлог за поубава иднина за сите. Вистински антипод на дивите орди и мега-популарните и влијателни бојкотирачи, разноразни “левичари“, наци-оналисти, безделничари и џабелебојадци, на кои редовно им ги отвораме портите и удобно ги сместуваме во најкомфорните места на нашиот демократски систем, кој токму тие работат да го срушат. Ги падиме нашите убави, паметни и напредни деца што подалеку од видот, за сметка на овие деструктивни лузери и бараби, кои единствено сакаат да гледаат како гори светот. Дигитално впрегнати во (пред)изборна воловска кола, заедно со нив галопираме директно во провалијата на изолацијата и континуираната мизерија на сиромаштијата.

Тоа навистина добро ни оди.

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни