„Добри гости“ по осми пат: Скопски и охридски автори на заедничко книжевно читање во Охрид

Настанот ќе се одржи на 7 февруари во КУЛТ Културен центар, како дел од програмата на „Прличеви беседи“ 2026.

Издавачката куќа ПНВ Публикации од Скопје, во соработка со Поетска ноќ во Велестово и Култура Бета, в сабота, на 7 февруари, во Охрид ќе го реализира осмото издание на книжевниот проект „Добри гости“, кој поврзува автори од различни градови преку заеднички читања и културна размена.

Настанот ќе се одржи во КУЛТ Културен центар во Охрид, со почеток од 18:30 часот, а е поддржан од Општина Охрид како неофицијален дел од програмата на „Прличеви беседи“ 2026.

Во рамки на осмото издание на „Добри гости“ ќе учествуваат повеќе автори од Скопје и од Охрид, меѓу кои: Игор Анѓелков, Снежана Младеновска Анѓелков, Теодор Тасевски, Јана Секулоска, Марија Велинова, Тони Попов, Марина Шикова Димовска, Јордан Коцевски, Марина Икономова Шокева, Зоран Јакимоски, Славе Ѓорѓо Димоски, Мирко Томовски, Митре Мангоски Радождански, Митко Колјушевски, Андреј Медиќ Лазаревски и Јулијана Величковска.

Вечерта ќе започне со промоција на најновата стихозбирка на Андреј Медиќ Лазаревски, насловена
„Багет полн печени полжави полиени со уље истечено од Вардаровите галии“, во издание на „Култура Бета“. Промоторка на книгата ќе биде Јулијана Величковска, по што ќе следува и заедничко книжевно читање со настап на сите учесници.

Проектот „Добри гости“ е замислен како платформа за книжевни гостувања и соработка меѓу автори од Скопје и локални книжевни сцени низ земјата. Програмата опфаќа поетски и прозни читања, разговори со автори и издавачи, книжевни промоции, трибини, работилници, како и прикажување поетски и краткометражни филмови поврзани со литературата.

Досега „Добри гости“ се реализираше во Штип, Тетово, Струмица, Демир Хисар, Куманово, Охрид и Прилеп, а во наредниот период се планирани гостувања и во други градови низ земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни