Search

Добра организација чуда прави

Оваа сабота боцкаме со Сребра Ѓорѓијевска, која е дел од тимот на фестивалот „Војдан Чернодрински“ и дел од Умно.мк. Таа ни ги сподели своите искуства и предизвици, од работата на фестивалот до организирањето на работилници за млади новинари и нејзината визија за иднината на медиумите. Сребра ни открива како мотото на фестивалот „Промени сѐ, промени се“ ја инспирирало да стане уште подобра во својата работа и како тимската работа и поддршката од колегите ја мотивираат кон нови достигнувања.

Трн: Како дојде до соработката и да станеш дел од фестивалот „Војдан Чернодрински“ ?

Сребра: Фестивалот „Војдан Чернодрински“ многу го почитувам и го сакам, откако работам како новинар, последните 20 години. Кога ми дојде поканата од уметничкиот директор на фестивалот, Ана Стојаноска, минатата година да бидам дел од тимот, воопшто не размислував дали да прифатам затоа што пред се Ана е човек кому му верувам и знаев дека ќе имаме успешна приказна.

Начинот на работа и на функционирање на овој тим предводен од Ана, ми потврди  како најпрофесионално треба да се организира нешто што е вака големо. Дека треба да се има здрава структура, здрави односи, односи на почитување еден кон друг,  делигирање обврски, на колегијалности, на покривање еден со друг во тимот. Фестивалот а и мотото за ова издание „Промени сѐ, промени се“  кај сите од нас предизвика едно чувство и проив и потреба да бидеме подобри во тоа што го правиме, да се трудиме секој во својата област. За мене беше предизвик да бидам љубезен домаќин на моите колеги новинари кои годинава изразија поголема желба да дојдат. Имаме поддршка од локалните редакции, ме менува на начин што ме тера да бидам поорганизирана во работата, пољубезна во релациите со луѓето и на многу помирен начин да ги решавам сите предизвици кои во текот на еден фестивал се соочуваме.

Трн: Кој беше најголем предизвик?

Сребра: Да се стигне навреме со сите работи, затоа што паралелно комуницирам со медиумите, правам секојдневни извештаи што ги праќам наутро за наредниот ден, ги следам тркалезните маси, гледам и дел од претставите кои не сум ги гледала за да можам активно да се вклучам во разговорите. Предизвик ми беше сите работи да стигнат во вистински рок затоа што паралелно го уредувам и Билтенот на фестивалот кој бара голем труд и посветеност, излегува во три броја. Годинава имаме пообемна програма.

Трн: Што беше ново годинава?

Сребра: Имавме работилница на Умно.мк со мојата колешка Весна Ивановска Илиевска во соработка со фестивалот. Ана која е одличен менаџер, ни предложи да размислиме како можеме како Умно.мк да се вклучиме и да направиме соработка со фестивалот. Одлучивме тоа да биде работилница за млади новинари, аплициравме лани во Министерството за култура и добивме поддршка на проектот. Ова беше одлично искуство каде имавме можност да работиме со исклучителни млади луѓе. Инаку како идеја потекна од минатата година, кога воочивме дека новинари за култура има многу малку во Прилеп, дека нема нови лица и немаат наследници овие новинари сега. А Прилеп не е мал град и имаат голем број културни манифестации за кои во иднина некој ќе треба да известува. Последиците се многу далекусежни. Интересот беше одличен, се пријавија 15 млади луѓе, пишуваа, снимаа видео интервјуа, известуваа за текот на настаните. Убедена сум дека со дел од тие деца ќе продолжиме и понатаму да комуницираме, им оставивме простор да можат да не побараат и да им дадеме поддршка и во иднина и како новинарки и како Умно платформа за развој на млади кадри.

Многу ми прави задоволство работата односи со јавност, ама многу ми е важно да работам и во добро организиран тим. Од исклучителна важност е да не лажеш и да не ги манипулираш информациите.

Со Умно.мк сме на добар пат да станеме стабилен медиум, овие три и пол години особено сме фокусирани на него, 24/7 и во иднина би сакале да мотивираме и повеќе млади луѓе да работат со нас.

Трн: Како е да се работи во поголем и помал тим?

Сребра: Со Весна функционираме одлично. Ние сме во основа многу различни. Се шегуваме дека јас сум ранобудна и работам прва и пола втора смена, а Весна е пола втора и трета смена. Многу убаво се надоплнуваме, Весна е попрецизна со документи и слично, јас сум повеќе со релации со луѓе, така што доволно сме и одлично функционираме. Сакаме и двете да сме информирани за многу работи и постојано се надградуваме затоа што и двете сметаме дека новинар мора да има познавања од повеќе области. Новинар од областа на културата мора да има длабочина и интердисциплинарно да ги поврзува работите.

Трн: Дали поткастите се новите телевизии што ги гледаме онлајн?

Сребра: За мене поткастот како жанр ми е замена за телевизијата за денешната публика. Реално се помалку гледаме телевизија, помладите генерации особено, сите сме на телефоните, имаме можности многу содржини да следиме. Поткастот дава можност да се разговара со една личност која треба пред сѐ да заслужи медиумско внимание, а што не е случај кај нас, еден малку поопуштен разговор, за разлика од класично телевизиско интервју. Многу внимателно ги избираме луѓето кои што сметаме дека треба да добијат медиумски простор. Поучени од моментот дека денес за пусти кликови и за пусти пари се прави сѐ, а тоа во македонскиот етер многу го има, се дава легитимитет на луѓе кои според нас како тим не заслужуваат и тоа е многу поразително за младата публика. Ние се бориме против тоа. Секој медиум има многу важна улога, не е само забава, не е само информација ние влијаеме на генерации и во тоа мора да сме многу одговорни. Генерално им даваме глас на луѓето коишто имаат приказна, коишто имаат што да раскажат.

Снимање подкаст воопшто не е евтина играчка!

Трн: Како е да работиш фриленс а како е кога друг ти ја мисли ?

Сребра: За среќа јас досега сум имала убави искуства кога сум работела за некого, новинар сум веќе 20 години и сум била дел од повеќе редакции на различни медиуми. Идејата за Умно тлееше многу одамна, но ни требаше храброст да се одлучиме и да го направиме чекорот.

Во короната направивме голем потег и не згрешивме. Умно е нашето дете кое го растеме со многу љубов. Двете си рековме, ајде немаме што да изгубиме и во ваква тегоба треба да ја најдеме силата. Во овие три и кусур години даваме сѐ од себе, секој слободен наш момент, немаме буквално работно време. Никој од нас не бара ништо, меѓутоа ние самите си поставивме некој ритам и на моменти дури и претеруваме.

Најново

Последни колумни