Исланд не е повеќе земја без комарци
„Веднаш можев да кажам дека е нешто што никогаш порано не сум го видел“, напиша еден Исланѓанец.
Иако медиумите само пред еден месец објавија дека Исланд е единствената земја во светот без комарци, тоа веќе не е случај.
Комарците се откриени на исландска почва за прв пат во историјата.
Бидејќи Исланд се затоплува четири пати побрзо од остатокот од Северната хемисфера поради климатските промени, ова води до топење на глечерите и почести топлотни бранови.
Во мај оваа година, најжешкиот ден досега беше забележан во оваа островска земја, кога температурата се искачи на 26,6 степени. Во другите делови од земјата, температурите беа најмалку 10 степени повисоки од нормалните за пролет.
Се стравува дека брзото затоплување би можело да им се допадне на комарците, кои на тој начин ќе се шират низ мочуриштата на Исланд.
Бјорн Хјатасон, кој ги проучува инсектите, верува дека наишол на три комарци во долината на глечерот Ќос, во близина на главниот град Рејкјавик, додека користел јаже натопено во вино за да ги набљудува молците.
Тој ги сподели своите наоди на локална Фејсбук страница на 16 октомври, велејќи дека првиот инсект што го уловил бил „чудна мува“.
„Веднаш можев да кажам дека е нешто што никогаш порано не сум го видел“, напиша тој.
Тој ги испрати трите инсекти во Институтот за природни науки во Исланд, каде што ентомологот Матијас Алфредсон потврди дека станува збор за две женки и еден мажјак од видот Culiseta annulata.
Овие комарци се поотпорни на студ од другите видови и можат да се најдат дури и во Сибир.
Алфредсон рече дека тие често бараат засолниште во затворени простори како амбари за да издржат посуровите зимски временски услови.
Дали климатските промени привлекуваат комарци?
Експертот не е сигурен дали можеме само да ги обвиниме климатските промени за појавата на комарци во Исланд, но предупреди: „Зголемувањето на температурите ќе ја зголеми можноста други видови комарци да се населат на островот, доколку пристигнат.“
Исто така е можно инсектите да пристигнале од други земји преку бродови или контејнери.
Пред неколку години, комарец, од различен вид, бил пронајден во авион на меѓународниот аеродром Кефлавик. Сепак, комарци никогаш не биле видени во дивината до пред неколку години.
Потребни се понатамошни истражувања за да се утврди дали комарците „навистина“ се населиле во Исланд.
