Меѓународен успех и признанија
Филмот ја имаше својата светска премиера на Филмскиот фестивал во Венеција 2025 година, каде што доби извонредни критики и беше наречен „триумф“ и „чудо над чудата“. „Приказната за Силијан“ се издвојува како едно од најзначајните документарни остварувања во пресрет на оскаровската сезона, а наскоро ќе биде прикажан во киносалите низ светот под дистрибуција на National Geographic.
Критичарите за филмот
Познатиот филмски критичар Кристијан Блауелт во својата рецензија за IndieWire напиша: „Приказната за Силијан е без сомнение најубавиот документарен филм на годината. Внимателно изработен, човечен и поетски приказ на односот меѓу еден постар човек и штркот кој му станува пријател и спасител.“
Филмот ја следи приказната за Никола, човек кој се обидува да ја одржи семејната фарма откако неговото семејство заминува во потрага по посигурна егзистенција. Во момент на осаменост, штркот кој случајно се појавува му станува придружник, пријател и симбол на надеж. Приказната е вистинита и неодоливо потсетува на старата македонска народна легенда за залутаниот син кој се враќа кај својот татко откако се претвора во штрк.
Процесот на создавање
Режисерката Тамара Котевска ја следи семејната приказна на Никола повеќе од година и пол пред да се појави штркот. Првично планира да сними документарен филм за последиците на конзумеризмот и глобализацијата врз миграциите, кај луѓето и кај нејзините омилени штркови. Но, животот на ова семејство неочекувано почнал да ја пресликува уметноста, претворајќи ја нивната реалност во современ мит за поврзаноста меѓу човекот и природата.
Резултатот е поетско и длабоко човечко сведоштво за вечноста и за тоа како древните митови содржат вистини што остануваат значајни низ вековите.
Кампања за Оскар и американска турнеја
Тамара Котевска во моментов е на американска турнеја во рамките на кампањата за Оскар, а пред неколку дена настапи меѓу режисерите на десетте најдобри документарни филмови на годината во престижната селекција на The Hollywood Reporter на фестивалот во Савана, Вирџинија. Турата продолжува, а јавноста ќе има можност да ја следи преку медиумите и официјалните канали на филмот.
Линк за гласање: https://cinemaeyehonors.com/audience-choice-voting/
Трејлер за филмот: https://youtu.be/14xo8s-0kU4?si=Q8AR6JArwVXzvS_1