Протестот беше исполнет со емоции, а присутните носеа транспаренти со натписи како „Судии, рацете ви се крвави“, „Сите одиме кај ист судија, а таму има само една правда“ и „Не е Партизанска проклета, проклети сте вие“, изразувајќи го своето незадоволство од институциите и правосудниот систем. Собраните граѓани извикуваа „УААААА“, ветувајќи дека нема да дозволат овој случај да биде заборавен и дека ќе се борат за правда до крај.
Според информациите од Основното јавно обвинителство Скопје, осомничениот 20-годишен возач, кој ја усмрти Фросина на пешачки премин, управувал возило без возачка дозвола, под дејство на алкохол, со брзина поголема од дозволената и поминувајќи на црвено светло. Дополнително, тој претходно бил осуден за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, но бил третиран како помлад полнолетник и испратен во воспитно-поправен дом. Сега му се заканува затворска казна од најмалку четири години за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Сопствениците на еден од дуќаните во близина споделија дека биле присутни во моментот кога згаснал животот на Фросина. „Призорот е незаборавен. Мајката, сестрата и таткото на Фросина беа во шок! Јас три ноќи по ред не можам да се смирам и не спијам“, споделија дуќанџиите. Тие исто така истакнаа дека семафорите не работеле, две ленти ја пропуштиле Фросина, но во третата лента возачот не застанал.
Граѓаните изразуваат длабоко незадоволство од правосудниот систем и бараат построги казни за прекршителите на сообраќајните прописи, особено за оние кои се повторувачи на кривични дела. Протестот има за цел да ја подигне свеста за безбедноста во сообраќајот и да поттикне институциите на поефикасно спроведување на законите.
Организаторите ги повикуваат сите граѓани кои се солидарни со семејството на Фросина Кулакова и кои сакаат да изразат протест против ваквите трагедии, да се придружат на идните настани и мирно да го изразат својот револт.