За да ја задоволат идната побарувачка за хиперсоничен лет, кинеските научници го развија првиот мотор за детонација во светот кој користи обично млазно гориво. Тестовите на прототипот во тунелот за ветер потврдија дека моторот може да го забрза авионот до 20.000 km/h, односно до брзина од 16 мах.
Станува збор за мотор кој кинеските научници го нарекуваат „Коси мотор за детонација“ (ODE). Сличен мотор беше развиен пред четири години во САД, на Универзитетот во Централна Флорида, но она што ја издвојува кинеската верзија е тоа што не користи мешавина од водород и кислород како гориво.
Во серија експерименти во тунелот за ветер во Пекинг, JF-12, познат како Hyperdragon, кој симулира услови за летање со голема брзина на надморска височина над 40 километри, истражувачите од Кинеската академија на науките (CAS) успеаја да постигнат стабилни бранови на детонација користејќи млазно гориво RP-3 – обичен комерцијален керозин.
Резултатите објавени во кинескиот весник за експерименти во механика на флуиди, покажуваат дека брзината на согорување во прототипот ODE е дури 1.000 пати поголема отколку кај конвенционалните млазни мотори. Моторот работи стабилно при брзини помеѓу 6 и 16 мах, додека конвенционалните млазни мотори работат наизменично во тој опсег.
Поради ограничувањата на тунелот за ветер, кинескиот мотор можеше да работи непрекинато само 50 милисекунди, што одговара на лет од околу 150 метри со брзина од 9 маха. Сепак, беше доволно истражувачите да добијат целосен увид во процесот на палење и самоодржливиот ударен бран. Специфичноста на овој дизајн се 5-милиметарските испакнатини во внатрешноста на комората за детонација, кои го подобруваат ефектот на согорување и овозможуваат континуирано детонирање на горивото.
Според истражувачите, комората за согорување на овој мотор е 85% пократка од онаа на класичните млазни мотори, што овозможува значително намалување на тежината на авионот и зголемување на неговиот домет. Традиционално, хиперсоничните мотори користат водород или етилен, кои лесно се палат, но бараат посебни услови за складирање. Од друга страна, керозинот RP-3 има поголема енергетска густина, но и подолго доцнење на палењето, што го отежнува палењето на моторот во лет. Овој проблем беше решен со вбризгување на претходно компресирана и загреана мешавина од гориво и воздух во комората за согорување.
Презентираниот проект е дел од амбициозниот план на Кина да развие авион способен да стигне до која било точка на планетата за само еден час до 2030 година. На пример, лет од Шангај до Лос Анџелес би траел само 30 минути.
Оваа технологија, исто така, може да овозможи вселенски авиони за повеќекратна употреба да летаат и во атмосферата и во орбитата. На 16 мах, ќе биде потребен само мал ракетен мотор за леталото сам да се доведе во орбитата. Остануваат бројни технолошки пречки, но кинеските научници најавуваат дека првите прототипови ќе бидат тестирани во лет до крајот на годината.