До 2035 година секое четврто лице ќе биде со прекумерна тежина

Епидемијата на гојазноста е еден од најсериозните предизвици за здравјето на светската популација.

На глобално ниво, дебелината е причина за повеќе од милион смртни случаи годишно, а се проценува дека влијае на повеќе луѓе отколку пушењето, алкохолизмот или сиромаштијата, што резултира со високи трошоци за здравствена заштита.

Во текот на последните две децении, преваленцата на гојазноста во Европа е тројно зголемена. Прекумерната тежина денес влијае на 50 проценти од возрасните, додека една третина од таа популација се дебели.

Прекумерната тежина и дебелината се присутни кај 20 до 30 проценти од децата и адолесцентите во европските земји, а драматичниот тренд на годишен пораст на нивната преваленца и честото поврзување со други болести ѝ даваат на епидемијата на дебелина кај оваа популациона група исклучително значење, не само од здравствена, туку и од економска и демографска смисла.

Околу 60 до 85 отсто од дебелите предпубертетски деца на училишна возраст остануваат дебели до зрелоста, што доведува до порано и почесто појавување на хронични незаразни болести (хипертензија – висок крвен притисок, рана атеросклероза, дијабетес тип 2), како и ендокрини, ортопедски и психосоцијални нарушувања.

Поврзаноста на дебелината и овие болести на толку рана возраст предизвикува скратување на животниот век, придонесува за големо оптоварување на болестите во следната генерација и го загрозува функционирањето на системот за здравствена заштита и осигурување.

Покрај последиците по физичкото здравје, кои се рефлектираат во голем број хронични незаразни болести, дебелината има и други значајни последици: дебелите луѓе се со поголема веројатност да бидат депресивни, имаат помала самодоверба и често се социјално стигматизирани.

Економските последици од дебелината се исто така значајни, рефлектирани во високи и често непропорционални трошоци за здравствена заштита и висок процент на боледување поради здравствени проблеми кои се во основата на дебелината како причински или фактор на ризик.

Светскиот ден на дебелината првпат беше одбележан на 4 март 2020 година, со цел да се подигне јавната свест за распространетоста на овој проблем, подобро да се разберат причините и последиците и да се повика на акција од сите сектори кои можат да придонесат за решавање на овој јавно здравствен проблем, имајќи предвид дека дебелината е резултат на сложена интеракција на биолошки, генетски, еколошки и психосоцијални фактори.

Превенцијата и лекувањето се однесува на мултидисциплинарен пристап од страна на здравствениот сектор, со истовремено дејствување на сите други сектори на државата и граѓанското општество во промовирање на здрави животни стилови и подигање на свеста кај населението за важноста од правилна исхрана и физичка активност.

Националната програма за спречување на дебелината кај децата и возрасните ги предвидува следните приоритетни области за дејствување до 2025 година: промоција на здравјето и спречување на прекумерна исхрана и дебелина, преориентација на здравствените услуги кон превенција и зајакнување на надзорот, мониторингот, евалуацијата и истражувањето.

Една од најважните превентивни мерки е едукацијата за исхрана.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни