Дојран, медитеранот на југот од Македонија

Приказната за мандрите, корморните, риболовот и традицијата која и денес живее

Се обидуваме да го зачуваме стариот начин на риболов, онака како што ни останало од дедовци кои не учеле како да рибариме. И сега ние сакаме тоа да го пренесеме и на помладите генерации. Сепак и јас сум од младите генерации, ама има и уште помлади што треба да учат – вели Никола.

Дојранското езеро, едно од најубави природни убавини во земјава е распространето на површина од 42.1 км2 во Дојранската котлина помеѓу ридовите Круша, Карабали, Боксија и планината Беласица. Пријатната медитеранска клима со топли и суви лета и благи врнежливи зими, со температури кои од мај до октомври се над 20 степени и просечна температура на водата од 27 степени, го прават езерото иделано за совршен одмор.

Дојранскиот крај бил населен уште во праисторијата. За животот во антиката на овој простор постојат записи од грчкиот историчар Херодот кој забележал дека покрај езерото Празја (Дојранско Езеро) живеат Пеонци, чие главно занимање е риболовот. Интересни денес се објектите на Саат-кулата која ја изградил Евренос-бег во чест на освојувањето на градот, Амам-бањата, потоа старата Екси-чешма, црквата Св. Илија кои сеуште сведочат за едно миното време во кое Дојран живеел.

Во Дојран, центарот не животот и денес е езерото. Постојат неколку легенди за неговото настанување, од кои најпозната е таа за Дојрана, млада девојка која се влегла во езерските води и се удавила и по која езерото било наречено Дојранско, а населбата покрај езерото – Дојрана.

Дојранското езеро и покрај малата големина е најбогато со риба во Европа. Најмогу има црвеноперки, перќијии, крап, сом… Ова е едно од ретките места во светот каде рибите се ловат со помош на птици. Дојранчани се особено горди на својата рибарска традиција. Ловењето на овој руникатен начин со помош на птици – корморани е нешто што е застапено само на уште едно место во светот – далечната Кина.

Ловењето во мандрите е ритуал за кој се врзуваат илјадници рибарски приказни.

– Порано се ловело така што старите рибари правеле насеки и правеле мандри и ловеле со помош на птиците корморани. Кормораните ги носеле рибите од длабочината. Рибата барала спас за да се спаси од кормораните, од птиците, да не биде изедена, бидејќи овие птици јадат многу риба, од 3 до 5 килограми на ден. И затоа таа риба се собирала во самите насеки и во самите мандри, кај што ја чувале старите рибари. Таму рибата нашла засолниште, значи заштита да остане тука каде колибите и во мандрите. Затоа се тие гранки прнари, ги ставаме како што го правеле тоа старите рибари за таа риба да остане овде, да биде на место, кај што ловат рибарите- раскажува Никола Ризов, рибар и угостител.

Рибарите во Дојранско Езеро фаќале многу риба која се носела во рибарници низ цела Македонија и цела тогашна Југославија. Имало многу рибарници со квалитетна риба од Дојран. И ден денес Дојран ја има истата риба и истите видови

-Ние како здружение имаме спортско- рекреативен риболов во Дојран. Имаме и наше здружение, Дојранска мандра се вика и се обидуваме да го зачуваме стариот начин на риболов, онака како што ни останало од дедовци кои не учеле како да рибариме. И сега ние сакаме тоа да го пренесеме и на помладите генерации. Сепак и јас сум од младите генерации, ама има и уште помлади што треба да учат – вели Никола.

Она што е останато од старите генерации да се пренесува од колено на колено се и специјалитетите од храна за кои љубителите на добра храна посебно доаѓаат во Дојран.

-Имаме риба тава што е прочуена во многу места. Подготвуваме пржени и печени риби. Имаме многу специјалитети. Имаме лангиди од икра од крап. Млечот. Имаме рибја чорба од крап и од сом ја правиме. Посебно убава е пчената риба полнета со кромид која ја викаме кромидарник или на дојрански се вика крумидарник. Тоа е риба тава, значи со кромид се крчка во печка, некаде околу 3 до 3 ипол саати. Тоа е што сакаме да го оставиме на идните генерации е стариот начин на подготвување на храната. Сакаме и Дојран да биде посетен повеќе од ние 2 месеци во сезоната и се трудиме ете да ги направиме тие домашни специјалитети, да направиме убавина, да дојдат луѓето кај нас и вон сезоната- раскажува Никола.

Запознавањето со старата риболовна традиција, вкусната добро подготвена риба и уживањето во медитеранската клима, е нешто што го прави брег на Дојранското Езеро место кое треба да се посети и одново и одново да се ужива во неговата убавина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни