„Дојран Д-фест“ ќе се одржи од 25 до 27 јули

Продолжува традицијата на одржување на познатиот фестивал „Д-фест“ во Дојран, но сега со ново име „Дојран Д-фест“. Годинашново 17. издание ќе се одржи на 25, 26 и 27 јули во ист формат и стил како и досега.

Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов на денешната прес-конференција информира дека од самите почетоци Фестивалот бил препознат како средиште на прогресивна и автентична музика, но и како место за одмор, релаксација, дружење и уживање во содржините на кампот и убавините на Дојранското Езеро.

-И оваа година Фестивалот ќе биде успешно организиран, со огромен број на посетители, со настап на над сто изведувачи, со организација на камп и активности внатре во кампот. Можам да кажам дека „Дојран Д-фест“ е во својот дом и продолжуваа оваа традиција, бидејќи Фестивалот е препознатлив за Дојран и е синоним за нас. Како општина правиме се да опстои овој фестивал, рече Ангов.

Миле Велков од „Визуал продакшн“ ги издвои познатите изведувачи на годинашниот фестивал.

-Ги издвојуваме ДЈ Методи Христов, ДЈ Никифор, ДЈ Мосел, Ареа и Сенида, но и многу други познати имиња чии настапи ги договараме. Ќе имаме 5 сцени, кои ќе ги подигне една реномирана компанија, а на нив ќе се обидеме да ги опфатиме сите музички правци. Наредните денови треба да биде дефинирана комплетната програма и истата ќе биде објавена. Во предпродажба се билетите за Фестивалот, кои чинат 1.600 денари за три денови со камп и 600 денари за еден ден, изјави Велков.

Никола Писарев од Центарот за современи уметности од Скопје ја презентираше уметничката програма.

-Посетителите на кампот, покрај забавниот дел, односно во паузите, ќе имаат културно-уметничка програма, но и едукативна. Интересно е што содржините се подготвени од млади автори, кои изминативе години биле дел од публиката на Фестивалот и сега ќе продуцираат одредени културни програми. Самиот концепт е направен да има три главни слота, кои ќе се случуваат секој ден, мал дел во утринските часови, а поголем во попладневните. Станува збор за стриктно едукативна програма, преку која посететителите ќе може да стекнат нови знаења од најразлични области, Рече Писарев.

Инаку, Општина Дојран и „Визуал продакшн“ потпишаа Договор за организирање на овој фестивал во наредните пет години и Советот на Општината донесе одлука во последен момент да не може да се дислоцира фестивалот како што се случи годинава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни