Групата ДНК е една од најзначајните музички групи на македонската сцена во изминативе две децении. Во 2001 година, групата ја создаваат двајца изведувачи со огромно музичко искуство и образование – Владимир Блажев, познат како Панчо, и Андреја Ѓорѓиески.
ДНК го започнува своето музичко патување во 2001 година со првиот синг „Девојка за везден“. Песната веднаш го привлекува вниманието на јавноста и ја поставува групата на мапата на македонската поп-музика. Веднаш потоа следи и нивниот втор хит „Благодарам однапред“, кој ќе остане во срцата на многу генерации и ќе биде дел од нивната музичка ризница.
Во 2003 година, ДНК го издаваат својот прв албум „Пази дете“, а со тоа започнува и нивната музичка експанзија. Песните како „Таа тоа го крие“ и „Полна месечина“ стануваат хитови за генерациите. Со песната „Полна месечина“ наспуваат и на фестивалот „Макфест“ во 2004 година, кога и ќе ја освојат наградата за најдобар сценски настап, што дополнително ќе ја потврди нивната позиција на македонската музичка сцена.
Бендот не застанува тука. Панчо, покрај своето пеење, станува еден од најпознатите DJ-и во земјата, и основач на Sure Shotz Entertainment Agency, која донесе многу светски музички имиња во Македонија. Од друга страна, Андреј се посветува на телевизијата, станувајќи музички уредник на единствената музичка телевизија во Македонија – К-15 ТВ, како и продуцент на популарното шоу „Мојата Ѕвезда“.

По пауза од неколку години, групата се враќа на сцената со нови хитови. Со албумите „Срце“ и „Уште еден ден“, ДНК не само што ја потврдуваат својата популарност, туку и го покажуваат своето стремење за музичка еволуција. И покрај бројните промени во музичката индустрија, тие не престануваат да ги изненадуваат своите фанови со нови песни, а нивниот концерти одржани во најголемите македонски арени остануваат во сеќавањето на сите.
Во 2017 година, по 15 години од своето постоење, ДНК одржаа голем концерт во Метрополис Арена, славејќи го својот успех со безбројните фанови кои ги следеа од почетокот на нивната кариера. Двајцата музичари продолжија да создаваат музика и да се поврзуваат со својата публика преку многу успешни синглови, а нивните концерти и настапи во живо станаа вистинска магија која ја трансформираше сцената.

Со годините, групата ДНК продолжи да биде на врвот на македонската музика, со нови хитови како „Ако утре ме нема“, “Лава”, “Милион денови”, “Романи” и продолжија да создава музика која ќе остане во срцата на сите љубители на добрата поп-музика.
На 3 ноември 2022 година, по повод 20 години ДНК, тие одржаа концерт во Арена “Борис Трајковски”, каде гости има беа врвни музички имиња од македонската естрада: Наум Петрески, Мина Блажев, Таско, Џамбо Агушев, Тамара Тодевска, Магдалена Цветкоска и други.
Во 2024 година издаваат синглови: “Посреќна”, “Животе брате”, “Амајлија” и “Чаршија, а во 2025 година го издаваат нивниот последен сингл “Фала”.
Последниот состав на ДНК го сочинуваа Владимир Блажев — Панчо и Андреја Ѓорѓиески — Андреј, Горан Тонев. Филип Стефановски, Ѓорги Ѓоргиев, Сара Пројковска и Ана Костадиновска и фотографот на групата Александар Ефремов.
„Што сака нека биде“ е последната песна која ДНК ја испеа ноќта на 16 март во Кочани.

Таа вечер во дискотеката Пулс животот го загубија Филип Стефановски, Ѓорги Ѓоргиев, Сара Пројковска и Андреј Ѓоргиевски, четворицата членови на музичката група ДНК, како и фотографот на групата Александар Ефремов.
Нивниот последен сингл, „Фала“, издаден во 2025 година, е последен доказ за нивниот ангажман и страст кон музиката. Групата ДНК ќе остане во сеќавањето на публиката и на музичките критичари како вистински креатор на македонската музичка сцена. Нивното наследство, преку нивната музика или преку нивната посветеност на уметноста, ќе живее вечно.