Основачот на Фондациите Отворено општество, Џорџ Сорос, ја доби Европската награда за граѓански права на Ромите и Синтите (етничка подгрупа на Ромите која е населена во Италија, Германија, Франција и Централна Европа)
Наградата е востановена во спомен на преживеаните од Холокаустот и пионерите на движењето за граѓански права на Ромите, Оскар и Винценц Роуз, а ја донираше водечката добротворна институција во Германија, Фондацијата „Манфред Лаутеншлегер“.
Наградата е доделена како признание за децениската посветеност на Џорџ Сорос за унапредување на правата, достоинството и јакнењето на ромските заедници низ цела Европа.
„Повеќе од четири децении, Џорџ Сорос, основач на Фондациите Отворено општество, е цврст сојузник на Ромите – најголемото и најзагрозено етничко малцинство во Европа.
Преку континуирани филантропски напори, Сорос ги поддржа организациите предводени од Роми во справувањето со дискриминацијата, проширувањето на пристапот до образование и правда, подобрувањето на развојот во раното детство и здравствената заштита и засилувањето на гласот на Ромите во јавниот живот. Ова вклучува поддршка на создавањето на Европскиот центар за правата на Ромите , Фондот за образование на Ромите и Декадата за вклучување на Ромите, кои заедно им помогнаа на повеќе од 150.000 ученици Роми да одат на училиште, се спротивставија на сегрегацијата пред Европскиот суд за човекови права и ги подигнаа гласовите на Ромите во јавниот дискурс. Во 2017 година, Советот на Европа и Фондациите Отворено општество обезбедија институционална, материјална и финансиска поддршка за лансирање на Европскиот институт за уметност и култура на Ромите во Берлин.
Оваа работа кулминираше со лансирањето на Ромската фондација за Европа во 2024 година – независна институција предводена од Роми, основана со залог од 100 милиони евра од Фондациите Отворено општество„ се наведува во соопштението на ФООМ.
Примајќи ја наградата во име на неговиот татко, Алекс Сорос, претседател на Фондациите Отворено општество, рече:
„Партнерството на мојот татко со ромските заедници отсекогаш се темелело на длабоко верување во правдата, достоинството и самоопределувањето. Оваа награда е моќно признание за тоа заедничко патување – и повик да се продолжи борбата против предрасудите и исклучувањето. Како дете, ги придружував моите родители на посети низ Европа за да се сретнам со ромските лидери и нивните семејства. Тие искуства оставија траен впечаток врз мене и ја обликуваа мојата сопствена посветеност на човековите права. Денес, како претседател на Фондациите Отворено општество, сум горд што ја продолжувам оваа витална работа и стојам покрај ромските заедници во нивното стремеж кон еднакви права и слобода. Дискриминацијата што ја доживуваат Ромите е закана за цела Европа. Никој од нас не е слободен додека не сме сите слободни.“
Европската награда за граѓански права на Синтите и Ромите, востановена во 2007 година за одбележување на 10-годишнината од Центарот за документација и култура на германските Синти и Роми , им оддава почит на поединци, групи или институции – првенствено од мнозинското население – кои вложуваат извонредни напори за подобрување на состојбата со човековите права на Синтите и Ромите. Од 2019 година, се доделува во спомен на преживеаните од Холокаустот, Оскар и Винценц Роуз, пионери на движењето за граѓански права на Ромите во Германија. Добитник за 2023 година беше американскиот архитект Даниел Либескинд за неговиот придонес во културата на сеќавање и за неговото архитектонско дело кое ги комеморира и Синтите, и Ромите и еврејските жртви на Холокаустот. Во 2021 година, наградата ѝ беше доделена на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел за нејзиното лидерство во промовирањето на инклузијата и справувањето со дискриминацијата.
Џорџ Сорос објави дека ќе ја донира наградата на Фондот за образование на Ромите , кој ги зајакнува ромските заедници преку пристап до програми за вештини и вработување и квалитетно образование – од рано детство до терцијарно ниво – зајакнувајќи ја нивната отпорност и капацитет да напредуваат во услови на социјални и економски предизвици.