Победата на Новак Ѓоковиќ во полуфиналето на Австралија Опен ќе има значајно влијание врз новата АТП-листа, која ќе биде официјално објавена во понеделник. Српскиот тенисер, по подолг период надвор од самиот врв, повторно ќе се искачи на третото место во светскиот поредок – првпат од август 2024 година.
По Ролан Гарос во јуни 2024, Ѓоковиќ ја загуби лидерската позиција, потоа извесно време беше втор на светот, а во текот на минатата сезона падна и до седмото место. Со овој резултат во Мелбурн, тој повторно се враќа меѓу најдобрите тројца и го потиснува Александар Зверев од третата позиција.
Промени има и на самиот врв на АТП-листата. Карлос Алкараз дополнително ја зголеми својата предност на првото место, откако Јаник Синер не успеа да ја одбрани титулата во Мелбурн. Италијанскиот тенисер беше елиминиран во полуфиналето и поради тоа ќе загуби 1.200 поени, додека Алкараз, кој лани испадна во четвртфиналето, оваа година значително го подобри својот учинок.
Колкава точно ќе биде разликата меѓу двајцата ќе зависи од исходот на финалето. Доколку Алкараз го загуби своето прво финале на Австралијан опен, ќе има предност од околу 2.650 поени во однос на Синер. Во случај на титула, таа разлика ќе порасне на дури 3.650 поени.
Оваа предност е од големо значење за Алкараз, особено ако се земе предвид календарот што следи. Синер во периодот од почетокот на февруари до мај нема да брани бодови од минатата сезона, што му отвора простор за агресивен напад на врвот на листата. Наспроти тоа, Алкараз во истиот период ќе брани значителен број поени.
Првата можност Синер да го намали заостанувањето ќе биде на АТП 500 турнирот во Доха, а потоа следуваат и серијата Мастерс 1000 турнири – Индијан Велс, Мајами, Монте Карло и Мадрид.
Финалето на првиот грен-слем во сезоната, Австралијан опен, е закажано за недела, 1 февруари, со почеток во 9:30 часот по средноевропско време.
