Над 400 млади од осум земји изминатиот викенд во Кинотеката и МКЦ со филмови, работилници и искрени разговори за животот, уметноста и иднината го одбележаа 13-тото по ред издание на фестивалот за млади „Џифони Македонија“.
Повеќе од 400 учесници од Македонија, Италија, Данска, Швајцарија, Србија, Црна Гора, Косово и Романија добија шанса да зборуваат, создаваат и растат преку филмот.
Фестивалот се одвиваше на две локации – во Кинотеката, каде што работат јуниорите (основци од шесто до деветто одделение), и во Младинскиот културен центар, каде кадетите и сениорите (средношколци) се дел од интерактивна програма со проекции, работилници, средби со филмски професионалци и креативни разговори.
Фестивал со срце и простор за искреност
„Како и секоја година, носиме места каде што младите можат да се изразат себеси“, вели Анастазија Јурковска, дел од организацискиот тим.
„Едноставно, им дадовме простор овие шест дена за време на фестивалот, тие навистина да се чувствуваат свои. Темата на оваа година – да се биде човек – ги охрабрува тинејџерите искрено да се осврнат на своето искуство, без никој да ги спречува да го кажат своето мислење.“
Во духот на таа искреност, младите отвораат теми што досега често биле табу – како осаменоста, притисоците од општеството, идентитетот, но и љубопитноста и храброста да се сонува.

Млади режисери со големи идеи
Фестивалот е платформа каде младите автори ги прикажуваат своите први филмови.
Беса Туша, млада режисерка од Скопје која студирала во Турција, пред публиката го промовираше својот филм „Низ очите на Џело“, во кој Скопје е прикажано низ очите на еден лик.
„Важно е да снимате, да се борите за вашите проекти. Јас од млада возраст пишував сценарија, сакајќи да се изразам. Тоа многу ми помогна“, изјави Беса. „Секоја наредна идеја ќе биде подобра. Само почнете.“
Бојан Василев го прикажа својот филм „За Ева“, инспириран од вистинска приказна, во кој се отвораат теми како несакана бременост, осаменост и ментално здравје кај младите.
„Не сакам филмови што кажуваат кој е во право, а кој не. Сакам да оставам простор за размислување“, рече Василев. Филмот е дел од проектот EduCuts, што поврза млади од неколку земји во регионот.

Филмови, работилници и средби што охрабруваат
Учесниците беа дел од Creative Talks, каде се промовираа три документарни филмови на млади автори – „Живуша“ на Ксенија Довезенска, „Борби со ветерници“ на Борјан Гаговски и „Како стигнав до овде?“ на Рој Стефанова, во рамките на програмата Докуникулци на фестивалот „Македокс“. Салата беше полна со емоции, аплаузи и прашања.
На програмата се најдоа и кратки италијански филмови, како и документарецот „Девојките не плачат“ од германската режисерка Зигрид Клаусман, кој предизвика многу размислувања меѓу тинејџерите.



Меѓународна размена, локална инспирација
„Ние сме домаќини на осум држави, а најубаво е што младите спонтано ги разменуваат мислењата и културите. Се доаѓа до заеднички вредности – слични морали, исти прашања, слични соништа“, додава Анастазија Јурковска.
„Забележуваме дека оние што се со нас неколку години, секоја наредна се сè посамоуверени, послободни во мислата. Нивните идеи се погласни, појасни – и со секој чекор поблиску до професионално изразување.“
„Имаме многу џифонци кои продолжиле во филмската или во пошироката креативна индустрија. Ги следиме и гледаме како растат. Тоа што започнало како аматерски филм, може да стигне до големото платно. И Џифони е токму таа шанса – да го видиш својот труд прикажан пред вистинска публика“, истакнува Јурковска.
„Џифони Македонија 2025“ е повеќе од фестивал – тоа е место каде младите се слушаат, се охрабруваат и се учат дека нивниот глас има тежина. И тоа е нешто што останува и по последната проекција.