Деветтото издание на фестивалот „Џез Фектори“ започнува на 15 април и оваа година ќе се одвива во неколку градови низ Македонија – Битола, Скопје, Демир Хисар и Охрид. Фестивалот ќе трае до 19 април и ќе обедини уметници и ансамбли од Франција, Израел, Албанија, Австрија, Унгарија, Полска, Црна Гора, Србија и Македонија.
Програмата опфаќа концерти, промоции на книги, едукативни активности и професионални средби, со цел да се поттикне развојот на џез сцената и културната размена во регионот.
Фестивалот започнува на 15 април во просторот „Утопија“ во Битола со промоција на книга од Иван Благојевиќ, директор на „Нишвил“ џез фестивалот, како и концерт на квартетот на Христијан Ристески. Веќе следниот ден се најавени настапи во Битола и Скопје.
На 17 април програмата се насочува кон едукација и младински развој. Во „Јуроп хаус“ во Битола ќе се одржи детска програма, додека австрискиот музичар Лукас Мајсл ќе одржи мастерклас. Истовремено ќе биде доделена наградата „Гоце Димитровски“, а вечерта во Народниот театар во Битола ќе настапат музичари од Унгарија и Австрија.
На 18 април во Битола ќе се одржи годишната конференција на Асоцијацијата на џез фестивали, а вечерта програмата продолжува во Демир Хисар со настап на полскиот бенд „Џума“. Завршницата на фестивалот е на 19 април во Охрид, во „Џез ин“, каде повторно ќе настапи „Џума“.
Со својата мултиградска концепција и силна меѓународна селекција, „Џез Фектори“ и оваа година се позиционира како еден од клучните џез настани во регионот.