DJ Mag ги објави „Artists to Watch“ за 2026 – новата генерација што ја менува електронската сцена

Од клубски подиуми до глобални фестивали, британското списание издвојува артисти кои во 2026 година ќе го дефинираат звукот, естетиката и енергијата на електронската музика.

Британското музичко списание DJ Mag ја објави својата традиционална листа „Artists to Watch“ за 2026 година, посветена на диџеи и продуценти кои, според редакцијата, се на чекор до поширок меѓународен пробив и веќе сериозно го менуваат пулсот на електронската сцена.

Листата опфаќа артисти од различни континенти и жанрови, со јасен акцент на оригиналност, локален контекст и свеж пристап кон клубската култура. Меѓу нив е Baalti, дуо од Сан Франциско кое комбинира бас-музика со индиски ритми и културни влијанија, создавајќи звук што подеднакво функционира и во клубови и на фестивали. Нивната музика често се опишува како мост меѓу дијаспората, идентитетот и современата електронска продукција.

Јапонската артистка DJ MARIA. се издвојува со сетови инспирирани од раниот транс и техно, но со јасен модерен пристап. Нејзините настапи се карактеризираат со долги, хипнотички градења и силна емоционална динамика, поради што веќе е редовно име на подиумите надвор од Азија.

Од Амстердам доаѓа Jamback, кој во последните години се проби со енергичен хаус звук и изданија што лесно се пренесуваат од клубскиот подиум до радија и стриминг платформи. DJ Mag го посочува како пример за артист што знае да балансира меѓу андерграунд кредибилитет и поширока публика.

Особено внимание привлекува и DJ Travella, млад продуцент од Танзанија кој го проширува и редефинира singeli звукот – ултрабрз, суров и длабоко поврзан со локалната култура. Неговата музика веќе се слуша на европските сцени, носејќи нова енергија во глобалниот клупски контекст.

Од Манчестер доаѓа KT, селекторка и диџејка чиј минимал-хаус и техно пристап ѝ обезбеди поддршка од влијателни имиња на британската сцена. Нејзините сетови се суптилни, но прецизни, со јасно чувство за простор и момент.

Азијската сцена е претставена и преку Naone, артистка од Сеул која комбинира хаус и техно во современ, клубски ориентиран звук, додека од Јужна Африка доаѓа JAZZWRLD, чија музика ја продолжува традицијата на африканскиот deep house, но со јасен авторски печат и модерна продукција.

На листата е и x3butterfly, мултидисциплинарен артист кој ја поместува границата меѓу електронската музика, перформансот и визуелната уметност, што DJ Mag го издвојува како пример за нов тип клубски автори.

Според редакцијата на DJ Mag, овие артисти не се избрани само поради моменталниот хайп, туку поради нивната способност да градат долгорочна кариера и да влијаат врз насоката во која ќе се движи електронската музика во 2026 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни