Во последните денови низ Македонија се појавија информации дека на дел бензински пумпи во одредени моменти не се точи дизел. Иако ваквите ситуации не се појавуваат насекаде и најчесто се краткотрајни, тие предизвикаа збунетост кај дел од возачите кои почнаа да проверуваат каде можат да наполнат гориво.
Во вакви ситуации, за граѓаните најважно е практичното прашање – дали горивото е достапно токму во моментот кога им е потребно.
Проверка на терен во Скопје
По информациите дека на одредени бензински пумпи во Скопје не се полни дизел, екипата на Трн вчера направи обиколка на неколку локации низ градот за да провери каква е реалната состојба.
На бензинските пумпи на ОКТА во Скопје дизел се точеше без проблем. Вработена на една од пумпите вели дека во последните два дена многу возачи доаѓаат збунети и најпрво прашуваат дали има дизел.
„Сите доаѓаат и прво прашуваат дали има дизел. Очигледно слушнале дека на некои места го нема“, вели таа, додавајќи дека снабдувањето на нивната пумпа е редовно.
Слична беше и ситуацијата и на дел од бензинските пумпи на Макпетрол низ Скопје. Иако во текот на изминатото деноноќие на некои локации било кажано дека дизел нема, денес на дел од нив горивото повторно се точи.
На бензинските на Лукоил исто така имаше дизел, иако дел од граѓаните велат дека на некои локации имале проблем да наполнат гориво, што дополнително ја зголемило неизвесноста кај возачите.
Поголем притисок во помалите градови
Според информациите до кои дојде Трн, поголем притисок врз бензинските пумпи се појавил во помалите места.
Во Свети Николе, на пример, на бензинските на Макпетрол на моменти снемало дизел бидејќи голем број луѓе (жители и земјоделци) истовремено полнеле гориво. На дел од помалите бензински пумпи на граѓаните им било кажано дека не можат да точат дизел.
Како причина се наведувале различни објаснувања, од технички проблеми со компјутерските системи до тоа дека едноставно немаат гориво во моментот.
Слични информации се појавија и на социјалните мрежи. Во објава на Радио Мрежа Канал 77 се тврди дека во Штип „речиси цел ден има долги редици пред бензинските станици“, а вечерта редиците дополнително се зголемиле откако стигнале нови количини дизел.

Иако во Скопје засега не се забележуваат долги редици или масовно празнење на резервоарите на бензинските, информациите од последните денови очигледно предизвикаа неизвесност кај дел од возачите.
Властите: има доволно нафта и деривати
Во меѓувреме од Владата пристигна порака дека нема простор за паника и дека снабдувањето со гориво е стабилно.
Премиерот Христијан Мицкоски, по средба со претставници на нафтената индустрија, изјави дека државата располага со доволно нафта и нафтени деривати и дека потребите на пазарот се задоволуваат.
Според него, цените на горивата во Македонија се значително пониски во споредба со дел од соседните земји, а Владата ќе интервенира доколку дојде до драматичен раст на цените.
Тој најави дека доколку се појави нагло поскапување на нафтата, Владата има опции да реагира со намалување на акцизата или ДДВ.
Државните резерви и цената на горивото
Премиерот посочи дека државните резерви на нафта и нафтени деривати изнесуваат над 62 дена од просечната потрошувачка, што е на историски високо ниво, додека целта е постепено да се достигне резервен капацитет од 90 дена.
Во позадина на дискусијата е и цената на горивата. Во моментов регулираната цена на ЕУРОДИЗЕЛ изнесува околу 71 денар за литар.
Дел од медиумите шпекулираат дека ценовната рамка може да влијае врз одлуките на некои продавачи, но за ваквите тврдења засега нема официјална потврда.
Што се случува на пазарот
Во услови на неизвесност на глобалниот енергетски пазар и војната на Блискиот Исток, властите велат дека внимателно ја следат ситуацијата и дека ќе реагираат доколку дојде до нов инфлаторен притисок.
Во меѓувреме, барем според проверките на Трн на неколку бензински пумпи низ Скопје, дизел има и се точи, иако гласините од последните денови очигледно предизвикаа збунетост кај дел од возачите.