Дива мачка е забележана на Галичица

Камера поставена пред пештерата Свинска стрна регистрираше дива мачка што ја корисисти оваа пештера во Националниот парк Галичица како привремено живеалиште

Црвен Крст Охрид денеска информираше дека во пештерата Свинска стрна забележана е дива мачка преку редовниот мониторинг на пештери во Националниот парк Галичица.

„Редовниот мониторинг во пештерите и надвор од нив е одлична алатка за проучување на пештерските екосистеми во заштитеното подрачје. Камера поставена пред пештерата Свинска стрна регистрираше дива мачка што ја корисисти оваа пештера во Националниот парк Галичица како привремено живеалиште“ велат од Црвен крст Охрид.

Дивата мачка на главата има кратка муцка и кратки уши. Има тело кое е покриено со густо сиво-кафеаво крзно, со напречни темни шарки и една темна по должината на грбот. На кратката едендебела опашка има црни прстени и црн врв. На предните нозе има пет прсти, а на задните четири.

Живее во шуми со шумски чистини. Има одлично развиен слух, вид и допир, а послабо развиен мирис. Дивата мачка е месојад, кој лови зајаци, птици, глувци. Лови приквечер или во зори. Добро трча и се качува по дрвја. Мажјакот е поголем од женката. Неговото тело е долго до 90 cm и е тежок до 15 кг. Женката при крајот на пролетта окотува до четири младенчиња во засолниште меѓу камења или во шупливо стебло, ретко во грмушки. Обично живее 10-12 години.

Дивата мачка е загрозен вид, а пред извесно време еден примерок, преку фото замка беше забележан и во заштитеното подрачје Вевчански извори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни