Дита Старова-Керими не е повеќе директорка на Националната галерија во Скопје. Таа на својот ФБ профил објави дека ,,завршла нејзината мисија како директор”.
,,Ве известувам дека денес ја завршив мојата мисија како директор на Националната галерија на Северна Македонија. Со мојата досегашна заложба на чело на оваа институција, верувам дека успеав да ја оправдам укажаната доверба.
Заедно реализиравме многу дела и проекти за зачувување, негување и унапредување на културата и уметноста, како големо богатство на нашата земја!И честитам на новоизбраната директорка Маја Неделковска – Брзанова и и посакувам многу успех во нејзината работа” пишува Дита Старова-Керими.
Инаку таа е афирмирана академска сликарка и педагог. Нејзин татко е познатиот писател и академик Луан Старова, а нејзината мајка е професорка и судијка Гзиме Старова.
Д-р Дита Старова-Керими е директорка на Националната галерија во Скопје, од 2015 година, која успешно ја води. Таа е член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ).
За своето ликовно искуство ја има добиено наградата „Методија Ивановски Менде“ – Мал формат 2012. Таа е добитничка и на наградата 13 Ноември на Град Скопје, за 2019 година.
На местото на Дита Старова-Керими е назначена Маја Неделковска – Брзанова, кустос на галеријата. Брзанова била в.д.директор на Националната Галерија во периодот 2014-2015 година.