Дискусија за можностите на програмата „Креативна Европа“ – потпрограма Култура

Со дискусија посветена на „Европската димензија и одржливоста на европските престолнини на културата (ЕПК 2028)“ денеска во Музејот на македонската борба за самостојност почнува дводневниот транснационален и вмрежувачки настан посветен на можностите на програмата „Креативна Европа“-потпрограма Култура.

Како што информира Министерството за култура, претставници од Град Скопје и францускиот град Руан кои се во фаза на назначување за Европски престолнини на културата (ЕПК) за 2028 година, се поканети да ги споделат искуствата на оваа тема.

„Истовремено ќе биде промовиран проектот „CreArt“, кој партнерски го спроведуваат овие два града и придобивките од Програмата Креативна Европа (Култура) на Европската Унија, а со цел да се охрабрат организациите од културните и креативните сектори во нашата држава да земат активно учество во оваа програма на Европската Унија и да ја дадат својата поддршка во претставувањето на Скопје и Руан како европски престолини на културата во 2028 година“, соопшти Министерството за култура.

Претставниците на Канцелариите на Креативна Европа (Култура) од Белгија, Германија, Словенија, Албанија, Црна Гора, Србија, Грузија и од Северна Македонија, на работилниците денеска и утре во Музејот на македонската борба и во Порта „Македонија“ ќе ги претстават можностите на Програмата „Креативна Европа Потпрограма Култура“ за 2024 година, како единствен инструмент на Европската Унија наменет за поддршка на европската културна соработка изразена преку културното творештво и обединување на различностите.

Професионалците ќе го претстават спектарот на можности за финансирање за 2024 година и ќе ги споделат искуствата и предизвиците поврзани со спроведувањето на Програмата во нивните матични земји. Посебно внимание ќе се посвети на тековниот повик за „Проекти за европска соработка“ за 2024 година, за кој ќе бидат споделени и совети за подготовка на успешни апликации со европска димензија.

Организирањето на овие работилници е во контекст на заложбите на Министерството за култура за олеснување на пристапот на што поголем број корисници од културните и креативните сектори во новата програма на Европската Унија.

Дводневниот транснационален настан е во организација на Министерството за култура и Канцеларијата за Креативна Европа (Култура), во соработка со партнерите и соработници: Град Скопје (ЕПК 2028), Градот Руан, Франција (ЕПК 2028) и Канцелариите на Креативна Европа (Култура) од земјите членки на Европската Унија (Белгија, Германија, Словенија), земјите од Западен Балкан (Албанија, Црна Гора, Србија) и земјите од источното соседство на Европската Унија (Грузија).

Извор: mia.mk

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни