Загадувањето на воздухот претставува една од најголемите закани за здравјето на луѓето и за животната средина денес. Бидејќи нашите градови растат и индустријата се развива, воздухот што го дишеме сè повеќе се полни со опасни супстанции, како што се ПМ честички, азотни оксиди и сулфурни гасови. Овие токсични компоненти не само што го влошуваат квалитетот на животот, туку имаат и сериозни последици по здравјето на луѓето, предизвикувајќи респираторни болести, кардиоваскуларни проблеми, па дури и предвремена смрт. Во исто време, загадениот воздух ја оштетува и природата, предизвикувајќи промени во климатските услови и влијаејќи на биодиверзитетот. Решавањето на овој глобален проблем бара координирани напори од страна на сите од поединци до држави, со цел да се обезбеди пониска емисија на штетни гасови и чист воздух за идните генерации.
Но, за да го решиме проблемот треба да почнеме од прашањето, што е точно тоа што го загадува секој град? На оваа тема разговаравме со проф. д-р Дејан Мираковски, раководотел на Лабораторија за животна и работна средина – „АМБИКОН“ при Универзитетот во Штип.
-За да знаете да го решите проблемот, треба да го познавате проблемот, односно ако сакаме да ги намалиме изворите на загадување, треба да знаеме кои се најголемите и да почнеме да ги решаваме. Од тие причини во рамки на проектот справување со аерозагадувањето во пет општини којшто е имплементиран од Програмата за развој на ОН (UNDP) и од финансиран од Амбасадата на Шведска, целта беше да ги детектираме изворите на аерозагадување. Во рамките на тој проект ние извршивме мерења подолготрајни мерења повеќе од една година се мери на една локација за да можеме да ги собереме примероците, да ги анализираме, да го анализираме елементарниот состав и преку тој хемиски состав на честичките да ги идентификуваме групите на извори коишто имаат влијание на дадена локација, односно колкаво е учеството на секој извор во аерозагадувањето на таа локација- вели проф. Мираковски.

Истражувањата на лабораторијата содржат научни податоци за главните извори на загадување на воздухот, временската распределба на честичките и нивните концентрации, како и препораки за подобрување на состојбата. Од резултатите на истражувањата добиен е заклучок дека главните извори вклучуваат согорување биомаса, сообраќај, согорување мазут и нафта, огнови на отворено и палење на отпад, минерална прашина и секундарни аеросоли. Во зимските месеци согорувањето биомаса доминира како главен извор, додека во лето, сообраќајот значајно го зголемува својот придонес.Од друга страна, скоја општина има уникатни карактеристики во однос на изворите на загадување, кои се детално презентирани во извештаите.
Овие извештаи се клучен инструмент за разбирање на локалните проблеми и за изработка на ефективни стратегии за намалување на загадувањето на воздухот.

Горењето на отпад, стрништа и греењето – најголеми загадувачи во Струмица
Измерената просечна годишна концентрација на суспендирани честички РМ 2.5 е 42,7 μg/m3, што е 70% надминување на граничната вредност. Во текот на грејната сезона, концентрациите се значително повисоки во однос на топлите месеци.

Главни загадувачи се согорување на отпад вклучува горење стрништа, земјоделски и градинарски отпад, пожари и отпад од депонии, потоа согорувањето на неквалитетно гориво во печки за греење со разни отпадни материјали во домашни и во мали индустриски ложишта, емисијата од издувни гасови во сообраќајот, како и согорувањето нафта во стари дизел-мотори (трактори, товарни возила, стари патнички возила) или мотори што немаат соодветна заштита.
Во текот на зимските месеци (ноември – април) согорувањето биомаса е главен извор на загадувањето на воздухот, со просечен месечен придонес што се движи помеѓу 10 и 50 μg/m3 . Во декември и јануари само овој извор придонесува да се надминат годишните гранични вредности. Сообраќајот е вториот најважен извор, со постојан придонес во текот на годината и значајно зголемување во летниот период. Согорување мазут и нафта е забележливо во текот на целата година, но доминира во периодот од ноември до април. Горењето оган на отворено е забележливо во текот на целата година, со најголем придонес во пролетните и во раните летни месеци (мај, јуни и јули) и во доцна есен и зима.

– Во Струмица убедливо е согорувањето на отпадна биомаса, а мора да признаам и други видови на отпади. Она што е убедливо е многу голема количина на биомаса, отпадна биомаса којашто содржи и лисја и гранки, коишто пак имаат малку различен состав од дрвната биомаса и затоа даваат и различен отпечаток, па може да се разликува.Во Струмица според истражувањето имаше мешано и сообраќај и согорување на отпад, веројатно пожари на или за палење на стрништа, согорување на отпадна биомаса од земјоделското производство. Едноставно ние цела година сме загадени блиску или над просекот – вели професор Мираковски.

Гостивар и минералната прашина од каменоломите
Измерената просечна годишна концентрација на суспендирани честички РМ 2.5 е 29,1 µg/m3 што е 16 % надминување на граничната вредност. Најдоминантен извор на загадување во Гостивар е минералната прашина, прашината од градежништво и ресуспензија од улиците. Овој извор на загадување се забележува речиси во текот на целата година, а особено доминира во летниот и сув период. Согорувањето биомаса е втор најважен извор што во текот на зимските месеци (ноември – април) претставува и главен извор, со просечен месечен придонес што се движи помеѓу 7 и 22 μg/m3. Во декември само овој извор придонесува речиси колку годишната гранична вредност. Сообраќајот е третиот извор, со постојан придонес во текот на годината и значајно зголемување во летниот и во есенскиот период. Горењето оган на отворено е забележливо во пролетните и во раните летни месеци (мај, јуни и јули) и во доцна есен и зима.

-Во Гостивар имавме големо учество на минерална прашина, која првин не збуни, а потоа можевме да утврдиме дека во основа таму има голем број на каменоломи, имаше активности за изградба на автопатот, којшто имаат значително влијание, посебно во сувите периоди имаат значително влијание на квалитетот на воздухот во градот.

Кавадарци е меѓу најзагадените градови и во време кога Фени не работи
Измерената просечна годишна концентрација на суспендирани честички РМ 2.5 е 62,2 µg/m3 што е повеќе од 149 % надминување на граничната вредност. Минималната измерена дневна концентрација на суспендирани честички РМ 2.5 изнесува 14,7 µg/m3 , додека максималната високи 154,8 µg/m. Во текот на зимските месеци (ноември – април) согорувањето биомаса е главен извор на загадување. Во декември и јануари само овој извор придонесува да се надминат годишните гранични вредности. Сообраќајот е извор што е со постојан придонес во текот на целата година и значајно се зголемува во летниот период. Голем извор на загадување во Кавадарци е минералната прашина, прашината од градежништво и ресуспензија од улиците. Овој извор на загадување се забележува речиси во текот на целата година, а особено доминира во втората половина од испитуваниот период кога е започната изградба на сообраќајницата близу мерната станица. Горењето оган на отворено е забележливо во текот на целата година, со најголем придонес во пролетните и во раните летни месеци (мај, јуни и јули) и во доцна есен и зима.

-Кога се работеше испитувањето во Кавадарци не работеше Фени. Мислам дека подолг период две-три години наназад не работи тој капацитет, меѓутоа Кавадарци беше меѓу најзагадените места и беше интересно што во Кавадарци добивме големо учество и на минерална прашина и на сообраќај, но најголемо учество без конкуренција имаат согорувањето на биомасата во резиденцијалните, веројатно и во другите бојлери за загревање, производство на топлина, за индустријата и за малите индустриски објекти и така натаму- вели професор Мираковски.

Струга- градот кој е најзагаден во лето
Измерената просечна годишна концентрација на суспендирани честички РМ 2.5 е 30 µg/m3 што е 20% надминување на граничната вредност. Минималната измерена дневна концентрација на суспендирани честички РМ 2.5 изнесува 3,8 µg/m3. , додека максималната високи 118 µg/m3. Сообраќајот е првиот најважен извор, со постојан придонес во текот на годината и значајно зголемување во летниот период кога овој извор придонесува околу 15 μg/m3 . Согорување мазут и нафта е забележливо во текот на целата година, но доминира во пролетниот период. Во текот на зимските месеци (ноември – април) согорувањето биомаса е значаен извор, со просечен месечен придонес што доаѓа и до 15 μg/m3 . Во декември и февруари овој извор придонесува дури и 50% од годишните гранични вредности. Горењето оган на отворено е со најголем придонес во пролетните и во раните летни месеци (април, мај, јуни и јули) и во доцна есен и зима.

-Струга е еден од оние градови во кои и во летниот период имате епизоди на повисоко загадување. Тоа во најголем дел се должи на загадување од сообраќајот- објаснува професор Мираковски.
Куманово двојно ја надминува раничната вредност на ПМ честички
Измерената просечна годишна концентрација на суспендирани честички РМ 2.5 е 38,5 μg/m3што е повеќе од 54 % надминување на граничната вредност. Минималната измерена дневна концентрација на суспендирани честички РМ 2.5 изнесува 7,4 μg/m3 , додека максималната високи 215 μg/m3 . Со својот интензитет најголеми извори се согорувањето биомаса, отпад и оган на отворено, следени од сообраќајот и согорување нафта и мазут. Сепак, согорувањето биомаса и во помала мера согорување отпад и оган на отворено, се главните извори што може да се поврзат со појавата на епизоди на екстремно загадување.

Во текот на зимските месеци (ноември – април).согорувањето биомаса е главен извор, со просечен месечен придонес што достигнува до 37 μg/m3 . Во декември и јануари само овој извор придонесува да се надминат годишните гранични вредности. Сообраќајот е вториот најважен извор, со постојан придонес во текот на годината и значајно зголемување во летниот период. Согорување мазут и нафта е забележливо во текот на целата година, но доминира во периодот од ноември до април. Горењето оган на отворено е забележливо во текот на целата година, со најголем придонес во пролетните и во раните летни месеци (мај и јуни) и во доцна есен и зима.