„Јасно е дека вештачката интелигенција буквално ќе го промени секое работно место“, изјави Мекмилон за The Wall Street Journal. „Можеби постои некоја работа што нема да биде засегната од AI, но јас не можам да се сетам на таква.“
Со ова, тој им се придружи на други врвни извршни директори, како што се Енди Џеси од Amazon и Џим Фарли од Ford, кои веќе најавија планови за намалување на работната сила во следните години поради зголемената примена на алатки базирани на вештачка интелигенција. Walmart планира да го задржи сегашниот број од 2,1 милион вработени во наредните три години, додека очекува раст на приходите преку поширока употреба на AI технологии.
Први на удар: административните работни места
Мекмилон очекува дека првите што ќе бидат засегнати се административците, бидејќи компанијата веќе воведува chatbot-и и други AI алатки за задачи како корисничка поддршка и следење на синџирот на снабдување.
Со текот на времето, и работниците во продавниците и магацините на Walmart ќе почувствуваат промени, бидејќи сè повеќе задачи ќе ги преземаат автоматизирани системи. Оние што ќе останат ќе мора да ги прифатат новите технологии за да останат релевантни, изјави Мекмилон за Associated Press. „Мислам дека никој точно не знае како ќе се одвива целиот процес“, додаде тој, но повтори дека „во суштина, секоја работа ќе се промени.“
Решението: приспособување и надградување
За подобро справување со новата ера, Мекмилон препорачува работниците активно да учат и да се запознаваат со новите AI алатки. „Мислам дека најдобриот пристап е да се запрашате: ‘Како можам да се надградам?’“, вели тој. „Како да бидам поподготвен за мојата улога, без разлика каква е, и да ги искористам новите алатки за да бидам поефикасен и покорисен?“
Луѓето сепак остануваат клучни
Иако технологијата напредува, луѓето сè уште имаат предност во вештини како комуникација и критичко размислување — нешта што вештачката интелигенција сè уште не може целосно да ги замени, истакна Мет Гарман, директор на Amazon Web Services. „Тие вештини се важни денес, а мислам дека во иднина ќе бидат уште поважни“, рече тој.
Мекмилон се согласува со тоа и додава дека на Walmart секогаш ќе му бидат потребни човечки вештини, особено при контакт со купувачите. „Сè додека не почнеме да им служиме на хуманоидни роботи кои имаат пари, ќе продолжиме да им служиме на луѓето“, изјави тој.
Најбараните работници во иднина, според него, ќе бидат оние кои умеат да комбинираат технички знаења со меки вештини. Како пример го посочи менаџерот на продавница, кој мора да владее со комуникациски и организациски способности, но и да знае како да користи AI алатки за анализа на продажба и логистика. „Вештините што ги имаме како човечки суштества се вредни. Секогаш биле, а во иднина ќе бидат уште повредни“, заклучи Мекмилон.
Извор: Index.hr