Извршниот директор на Ryanair, Мајкл О’Лири, жестоко ја критикуваше Европската Унија за, како што вели, неуспехот во заштитата на аеродромите, и порача дека неовластените дронови што го нарушуваат воздушниот сообраќај треба веднаш да се уриваат, пишува Politico.
„Решението е едноставно – урнете ги“
Неговата изјава доаѓа пред неформалниот состанок на Европскиот совет во Копенхаген, каде што се очекува дискусија за воведување на таканаречениот „ѕид против дронови“ како одговор на упадите на беспилотни летала, кои се поврзуваат со Русија или други актери.
О’Лири смета дека решението е многу поедноставно:
„Зошто не ги уриваат тие дронови?“, праша тој во интервју, повлекувајќи паралела: „Ако руски воен авион го прелета воздушниот простор на НАТО…“
Тој потсети на неодамнешни инциденти што предизвикале хаос во воздушниот сообраќај:
„Нашите операции беа нарушени пред три недели кога дронови прелетаа над Полска, а полските аеродроми беа затворени четири часа“, рече тој, алудирајќи на инцидент што му се припишува на Кремљ.
„Минатата недела, аеродромите во Данска беа затворени околу два часа“, додаде, коментирајќи ги упадите во Копенхаген и Олборг, каде што сторителот сè уште не е идентификуван.
„Тоа е дестабилизирачки фактор и повикуваме на акција“, заклучи тој.
Скептицизам кон „ѕидот против дронови“
И покрај растечката потреба за заштита на европските аеродроми, О’Лири е силно скептичен кон идејата за „ѕид против дронови“:
„Мислам дека тоа нема никаква ефективност. Навистина мислите дека Русите не можат да лансираат дрон од внатрешноста на Полска?“, праша тој.
Оваа иницијатива е дел од планот за одбрана наречен „Eastern Flank Watch“ (Надзор на источниот фронт), предложен од европскиот комесар за одбрана Андриус Кубилиус, со цел заштита од зголемените безбедносни закани.
„Немам доверба во европските лидери“
Пред самитот во Копенхаген, О’Лири не се воздржа во своите коментари:
„Немам доверба во европските лидери кои седат, пијат чај и јадат колачиња“, изјави тој.
„Ако не можат да ги заштитат ни летовите над Франција, какви се шансите тие да нè заштитат од Русија?“, додаде, алудирајќи на проблемите со штрајковите на контролорите на летови во Франција.
Својата критика ја заврши со жестока порака до претседателката на Европската комисија:
„Немам доверба во фон дер Лајен. Таа е бескорисна и треба да поднесе оставка.“